Карлос Саинц стана директор на Здружението на возачи во Формула 1 (Ф1), пишува „Би-би-си“. Шпанецот сезонава се пресели од Ферари во Вилијамс. Тој доаѓа во здружението на местото на четирикратниот светски шампион Себастијан Фетел, кој се повлече од Ф1 на крајот на 2022 година, а минатата година се повлече од функцијата директор на здружението.
– Страсен сум за мојот спорт и мислам дека ние возачите имаме одговорност да направиме сѐ што можеме за да работиме со засегнатите страни за да го проследиме спортот во многу аспекти. Јас сум многу среќен и горд што ќе го дадам мојот дел со преземање на улогата директор на Здружението на возачи во Формула 1 – ја пренесе изјавата на Саинц, здружението, во објавата на Инстаграм.
Саинц им се придружува на претседателот Алекс Вурц, возачот на Мерцедес, Џорџ Расел, и на Анастасија Фаул како лидер на Здружението на возачи во Формула 1.
Здружението на возачи во Формула 1 беше формирано во раните 1960-ти и претежно се фокусира на безбедносни прашања. На пример, Здружението на возачи и Вурц беа клучни во усвојувањето на уредот за заштита на главата „хало“ во Ф1 за сезоната во 2018 година. Н.М.