Фото: ЕПА

Засега нема потврда дали на состанокот ќе бидат вклучени сите лидери на ЕУ или само помала група земји, како и дали на овој состанок ќе бидат поканети претставници на Обединетото Кралство

Макрон свика вонреден состанок на европските лидери

Европските лидери денеска ќе одржат итен состанок во Париз откако стана јасно дека САД ја исклучуваат Европската Унија од мировните преговори за Украина, што за европските челници е целосно неприфатливо и се доживува како гест на изиграна доверба.
Kако што пишува бриселски „Политико“, францускиот претседател Емануел Макрон ги свикува европските лидери на вонреден самит во Париз за да се утврди новата европска стратегија како ќе се постапува во новонастанатата ситуација.
– Многу ми е драго што претседателот Макрон ги повика нашите лидери во Париз – изјави полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски на минхенската безбедносна конференција во саботата, јави „Политико“.
Тој додаде дека е крајно време европските лидери да разговараат „на многу сериозен начин“ околу предизвиците што ги поставуваат САД и новиот американски претседател Доналд Трамп.
– Претседателот Трамп има метод на дејствување што Русите го нарекуваат разведка бојем – извидување преку битка: туркате и гледате што се случува, а потоа ја менувате вашата позиција… И ние треба да одговориме – порача полскиот министер.
Засега нема потврда дали на состанокот ќе бидат вклучени сите лидери на ЕУ или само помала група земји, како и дали на овој состанок ќе бидат поканети претставници на Обединетото Кралство.
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој беше на панелот со Сикорски во Минхен, ниту го потврди ниту го негираше итниот самит.
Сикорски подоцна рече дека полскиот премиер Доналд Туск ќе отпатува на состанокот в понеделник по покана од Макрон.
– Треба да ги покажеме нашата сила и единство – наведе Сикорски во објава на социјалните мрежи. Р.С.