Во сноуборд, дисциплина слопстајл, Ристовски го освои 32-то, а Ристовска 22-то место. Денеска настапува Чакаровски во трката на 10 км во нордиско скијање
ЕВРОПСКИ МЛАДИНСКИ ЗИМСКИ ОЛИМПИСКИ ФЕСТИВАЛ
Деби на Европскиот младински зимски олимписки фестивал во Бакуриани (Грузија) имаа уште двајца македонски натпреварувачи во сноуборд, во дисциплината слопстајл, во која Евгениј Ристовски го освои 32-то место, а Ангела Ристовска 22-то место, притоа стекнувајќи непроценливо искуство на меѓународната сцена.
– За македонските спортисти учеството на вакви натпреварувања е голем предизвик, а Евгениј докажа дека со труд, страст и со посветеност може да се направат значајни чекори напред. И покрај ограничените услови за тренинг, тој даде сѐ од себе и успешно ја претстави Македонија на ова престижно спортско случување. Овој настап е само почеток за него, кој продолжува да се развива и да собира драгоцено искуство. И покрај предизвиците со кои се соочуваат македонските спортисти во зимските спортови, Ангела покажа голема посветеност и борбен дух, нејзината страст кон спортот и напорната работа ѝ овозможија да се натпреварува рамо до рамо со најдобрите млади сноубордерки во Европа. Следниот настап на Ангела е утре, каде што ќе има нова можност да ги покаже својот талент и напредок на меѓународната сцена – објави Mакедонскиот олимписки комитет на својата интернет-страница.
На снежните патеки во Бакуриани денеска треба да настапи и четвртиот Македонец на овие Игри, 15-годишниот Виктор Чакаровски, кој ќе се натпреварува во нордиско скијање во трката на 10 км. Биатлонецот Гиновски, кој беше 46-ти на првиот натпреварувачки ден, утре ќе настапи во спринт, со две пукања, трипати по 2,5 км.
На овој 17-ти по ред спортски младински настан учествуваат околу 900 натпреварувачи од 45 држави, во осум спорта (алпско скијање, биатлон, нордиско скијање, уметничко лизгање, слободно скијање, хокеј на мраз, брзо лизгање на кратки патеки и сноуборд).
Македонија годинава (20-26 јули) ќе биде домаќин на 18-от Европски младински летен олимписки фестивал. Г.И.