Осумдесет години настава на македонски јазик во СОУ „Мирче Ацев“ – Прилеп
Актерите Димитар и Нада Гешоски, Благоја Спиркоски-Џумерко, Марин Бабиќ, скулпторот Жарко Башески, поетот Петар Бешески, лекарот проф. д-р Карпош Бошкоски, писателот Горјан Петревски, музичарот Христијан Габроски (Ристо Бомбата), водителот Огнен Јанески се само дел од познатите личности во државава чии средношколски денови поминале во единствената прилепска гимназија „Мирче Ацев“.
Наставата на мајчин македонски јазик започнала на 1 февруари 1945 година, во оваа гимназија во која предавал и самиот Крупе Кепески, авторот на првата граматика на македонскиот јазик.
По овој повод, гимназијата одржа свечен наставнички совет во холот на училиштето, кој беше преполн со ученици, поранешни и сегашни наставници, претставници на Општината и Советот на Прилеп, новинари…
Како што доликува, настанот започна со македонската химна „Денес над Македонија“, а продолжи со свечен говор на директорката на оваа институција, Весна Михаиловска, со обраќања на неколку поранешни професори, историски час подготвен од учениците за основањето и развојниот пат на институцијата, а настанот беше заокружен со пригодна културно-уметничка програма сочинета од стихови и ноти, која наиде на воодушевување од публиката.
– Чест и привилегија е да се биде гимназијалец. Гимназијата е столб на општественото живеење во Прилеп. Многумина успешни лекари, професори, инженери, архитекти, сликари, спортисти, музичари ја започнале својата успешна приказна токму во оваа гимназија. Денес, на овој ден, сакам да ги поздравам и нашите ученици, гимназијалци, кои ја продолжуваат оваа успешна приказна. Овој ден го одбележуваме со повеќе активности, како турнир во одбојка меѓу учениците од средните училишта, во холот на училиштето имаме и изложба што ја подготвија учениците – истакна директорката Весна Михаиловска.
Овој настан може да се опише и како средба на генерациите бидејќи тука беа присутни поранешни и сегашни професори, а голем дел од нив некогаш биле и ученици во истата гимназија, голем дел од присутните беа поранешни и сегашни ученици, така што сега сите се сретнаа на едно место, да се навратат на средношколскиот живот, да се потсетат, да поразговараат.
Пензионираниот професор по македонски јазик Димче Настоски, кој во два наврата беше и директор на гимназијата „Мирче Ацев“, потенцираше дека овој јубилеј е особено значаен за гимназијата, која е центар на прилепското образование.
– Од овде произлегува најголемата интелектуална сила на Прилеп, која го носела Прилеп напред, како еден од најпрогресивните градови и во Македонија и пошироко во регионот. Посакувам гимназијата да дочека не само сто туку и осумстотини години постоење – порача Настоски.
Последниве години не само што се подобрени условите за работа во гимназијата туку учениците и наставниците во континуитет постигнуваат забележителни резултати во областа на науката, уметноста и спортот, па така, само минатата година учениците освоиле повеќе од 35 државни и меѓународни награди и признанија.
Во гимназијата „Мирче Ацев“ во овие 80 години учеле околу 14.000 ученици, а предавале над 300 професори.
Ф.Д.