Во јануари 2023 година, данскиот град Архус започна тригодишен пилот-проект за намалување на отпадот создаден од чашите за кафе за еднократна употреба. Оттогаш наместо да ги фрлаат во отпад, локалните жители можат да користат машини за оставање на чашите, дизајнирани од норвешката компанија за управување со отпад „ТОМРА“. Минатата година во машините биле вратени повеќе од 700.000 чаши.
– Преку анализата на отпадот, откривме дека 45 проценти од отпадот во Архус доаѓа од пакувањата на храната и пијалаците за носење – вели Сајмон Смедегард Росау, проект-менаџер за кружно пакување во општината Архус.
Што го прави различен системот на Архус?
Една година подоцна, Архус може да ги сподели своите први резултати, со надеж дека повеќе градови ќе го следат неговиот пример. Што го прави различен системот што го воведе градот за користење чаши за повеќекратна употреба?
Многу европски земји, како Романија, Данска и Белгија, воведоа системи за депонирање што им овозможуваат на луѓето да ги враќаат пластичните или стаклени шишиња и лименки во специјално дизајнирани машини, поставени во повеќе синџири на супермаркети, каде што граѓаните за возврат се наградуваат со мал паричен поврат.
Машините се лоцирани и на главните трговски улици. Целта е да се рециклираат многу популарните производи, како што се чашите за ладни или за топли пијалаци што обично се користат во просек само 15 минути пред да завршат во отпадот.
– Само помалку од 2 отсто од пластичните чаши за кафе за еднократна употреба се рециклираат низ целиот свет – вели Росау.
Пилот-проектот не се состои само од поставувањето на овие машини туку и од одлуката каде да се постават тие. Промената на однесувањето на потрошувачите беше неопходен чекор за да се случи „револуцијата за повторна употреба“.
– Пластичната удобност е оптимизирана со децении и е моќна сила што влијае на однесувањето на потрошувачите. Ако потрошувачот има избор кога станува збор за пластиката за еднократна употреба, стапката на усвојување би била ниска – вели Геир Сатер.
За да се убедат граѓаните во оваа идеја, иницијативата првично била поддржана од 45 кафулиња, кои се согласиле да продаваат пијалаци само во чаши за повеќекратна употреба, не давајќи им на потрошувачите можност да купуваат пластични чаши за еднократна употреба. Во првите недели, стапката на враќање на употребените чаши била само околу 25 проценти, што го натера Росау да се посомнева во тоа дека системот ќе има поголем ефект. Чашите за повеќекратна употреба може да бидат подобра алтернатива на оние за еднократна употреба, тие може да се рециклираат најмалку шест пати, со што ќе се постигне стапка на обновување од 82 проценти.
Пресвртот дојде за време на еднонеделниот градски фестивал во Архус во септември, кога трговците на мало нудеа исклучиво чаши за повеќекратна употреба. Само на овој настан биле вратени околу 100.000 чаши, количество што инаку би наполнило вкупно1.200 канти за отпадоци.
Настанот, вели Росау, бил корисен пример за промената на однесувањето бидејќи голем дел од населението се запознал со нов производ што може да се рециклира.
– Сега гледаме промени во однесувањето. Гледаме луѓе како шетаат со ќесиња полни со чаши, лименки и шишиња, што значи дека почнуваат да рециклираат на големо. Сега можеме да видиме дека стапката на враќање е 88 проценти, што значи дека една чаша може повторно да се користи дури до 44 пати – вели Росау.
Колку пластични чаши се вратени во Архус?
Пилот-програмата имаше цел да собере 500.000 чаши во првата година, која беше далеку надмината бидејќи биле вратени вкупно 735.000 чаши, при што биле спасени 14 тони пластика од согорување. Целта за 2025 година е да се соберат 1,5 милион чаши, а за третата година се планирани дополнителни 1,5 милион. Во подготовките за исполнување на оваа цел, општината Архус бара од системот да се прошири и во неколку други мали градови во околината, како и да се пренесе истиот систем и во другите форми на пакување на храната.
Буџетот за оваа намена обезбедува финансирање за национално партнерство што ги обединува општините, бизнисите, рестораните и другите засегнати страни. Доколку проектот се прошири на национално ниво, би можел значително да ја намали употребата на пакувања за еднократна употреба. Во моментов се создаваат околу 500 милиони производи за еднократна употреба годишно во Данска. Архус е град со средна големина, а кога станува збор за поголемите градови што имаат посложени синџири на снабдување, овој систем ќе се соочи и со различни предизвици, но и поголеми можности.
– Архус е само врвот на ледениот брег. Видовме голем импулс во градовите како Барселона, Берлин, Лувен, Гент, Ротердам и Париз, кои се справуваат со кризата со отпадот од пакување преку зајакнување на нивните системи за повторна употреба – вели Натан Дуфур, раководител на системи за повторна употреба во „Нулта отпад Европа“.
Овие активности ги поддржуваат пошироките цели на ЕУ за намалување на отпадот, во рамките на неодамна одобрената Регулатива за пакување и отпад од пакување, која бара од земјите членки да го намалат количеството отпад од пакување по жител за 5 проценти до 2030 година, со дополнителни намалувања до 2035 и 2040 година.