Македонска филхармонија

Оркестарот на Македонската филхармонија вечерва, со почеток во 20 часот, ќе го одржи концертот насловен „Магична виолина“, на кој како солист ќе настапи врвниот белгиски виолинист Марк Бучков. Диригент е маестро Сашо Татарчевски, а на програмата се: увертирата „Оберон“ од К.М. Вебер, Концерт за виолина и оркестар бр. 3 во Ге-дур од В.А. Моцарт и Симфонија бр. 5 „Реформациска“ во Де-дур/Де-мол, оп. 107 од Ф.Менделсон.
Белгискиот виолинист со руско-украинско потекло Марк Бучков критиката го опишува како софистициран музичар со беспрекорна самоувереност, но и како еден од најмултифункционалните и уникатни уметници на новата генерација. Неговата меѓународна кариера е богата и зад себе има настапи со водечки оркестри и диригенти низ Европа. Неговите оркестарски настапи вклучуваат соработки со кралскиот оркестар „Концертгебау“ и Марис Јансонс, Минхенскиот филхармониски оркестар, Симфонискиот оркестар во Хамбург, оркестарот „Тонхале“ во Цирих, Националниот оркестар на Белгија, Националниот симфониски оркестар во Торино, Симфонискиот оркестар на Маринскиот театар, Московскиот филхармониски оркестар, оркестарот „Џузепе Верди“ во Милано, Камерниот оркестар на фестивалот во Вербие итн., работејќи со диригенти како Кристоф Ешенбах, Валери Гергиев, Станислав Кочановски, Михаел Сандерлинг, Андреј Борејко, Дмитри Лис, Кристијан Арминг, Максим Венгеров, Џејмс Џад… Марк Бучков е редовен и во рециталните настапи, настапувајќи во најпрестижните концертни сали во светот, како што се „Вигмор хол“, „Карнеги хол“, „Концертгебау“, „Елбфилхармонија“, „Тонхале“ во Цирих, „Концертхаус“… Како истакнат камерен музичар, редовно учествува на фестивалот „Вербие“ во Швајцарија. Во последните две сезони Бучков оствари значајни настапи со Минхенската филхармонија, Бриселската филхармонија, Оркестарот на Хесенскиот радиодифузен сервис и Оркестарот на фестивалот во Вербие. Во 2021 година беше поканет да настапи во „Концертгебау“ во Амстердам со Холандскиот филхармониски оркестар, под диригентската палка на Лудовик Морло, за потоа да биде поканет како гостин-уметник на оркестарот за сезоната 2022/2023. Моментално е професор на Кралскиот конзерваториум во Лиеж (Белгија) и на Меѓународната музичка академија во Лихтенштајн. Свири на виолина од Карло и Микеланџело Бергонзи од 1742-1744 година, која му е приватно позајмена од „Едвулстрад РМИЦ “.
Сашо Татарчевски дипломира и магистрира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на катедрите за хорско и за оркестарско диригирање, а посетува и мајсторски курсеви во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Фиренца, Санкт Петербург и Сартеано. Настапувал со различни ансамбли, вклучувајќи ги Македонската филхармонија, Оркестарот на Македонската опера и балет, Симфонискиот оркестар на ИКО–Рим, Симфонискиот оркестар на „Ермитаж“ од Санкт Петербург, Битолскиот камерен оркестар, Битолската опера… Во моментов работи како професор на ФМУ по група предмети од областа на диригирањето и е диригент на Симфонискиот оркестар и мешаниот хор „Драган Шуплевски“, како и уметнички раководител на Женскиот младински хор при МКЦ и на професионалниот мешан хор „Про арс“.