„Загревање“ за „Скопје синема сити“
Деликатесни музички документарци за рок- фотографот Антон Корбајн, „Њу ордер“ и Моби ќе се прикажуваат од денеска до сабота (6-8 февруари). „Скопје синема сити“, фестивалот што веќе една деценија го негува музичкиот документарен филм, за својата публика го подготви настанот „Загревање“ со проекции на музички документарци.
– За да го одржиме ритамот до следното фестивалско издание, на кое нѐ чекаат многу изненадувања, ви нудиме загревање со деликатесни музички документарци, во клупскиот амбиент на „Котур“. Во овие три дена, со почеток во 20 часот, ќе бидат прикажани три значајни музички документарни филма: „Изнесено на Виделина“ за рок-фотографот Антон Корбајн, „Њу ордер – декади“ за бендот „Њу ордер“ и „Моби док“ за музичарот Моби – велат од фестивалот.
Првиот филм, „Антон Корбајн: Изнесено на виделина“, кој ќе се прикаже вечерва, го следи животот на холандскиот фотограф што создал некои од најпознатите портрети во изминатите четири декади, како Ник Кејв, Боуви, „Ју-ту“, „Металика“ и „Нирвана“. Вториот филм, „Њу Ордер: декади“, ја прикажува соработката на бендот „Њу ордер“ со Манчестерскиот интернационален фестивал и истовремено ја истражува историјата на групата, вклучувајќи ја и нејзината претходна инкарнација, „Џој дивижн“. Последниот филм, „Моби док“, ќе биде прикажан на 8 февруари и е експериментален биографски документарец за музичарот Моби, кој преку комбинација на интервјуа, реконструкции и архивски материјали ја прикажува неговата трансформација од бунтовен панк-музичар во глобална суперѕвезда и активист.