Плакат

Македонија добива нова платформа што ќе ја поттикнува едукацијата, истражувањата и етичката примена на оваа технологија. Невладината организација „ВИ Сега“ има за цел да ја приближи ВИ до сите, без мистификација, со јасна визија и етички пристап.
– Сите зборуваме за вештачката интелигенција, но ретко кој навистина размислува за тоа каде нè води и како можеме да ја искористиме за добро. Затоа ја основавме организацијата „ВИ Сега“ – со цел да ја направиме оваа технологија достапна и разбирлива за сите, со фокус на етичкиот аспект и јасна насока за нејзина примена – изјави Суад Сефери, основач на организацијата.
Вештачката интелигенција е тема што доминира во денешниот дискурс, но ретко кој се задлабочува во нејзините импликации и потенцијал. „ВИ Сега“ се стреми да биде катализатор за позитивни промени преку едукација, поддршка на иновации и соработка со истомисленици. Во моментов, организацијата е во процес на потпишување меморандуми за соработка со други невладини организации, академски институции и поддржувачи, верувајќи дека само заедно можеме да направиме вистински исчекор.
– Ова не е проект на неколку луѓе – ова е покана за сите кои веруваат дека иднината треба да се гради сега. Ако сте љубопитни како ВИ може да ви помогне, ако сакате да учите или едноставно да бидете дел од нешто поголемо – вратата на „ВИ Сега“ е отворена. Следете нè, затоа што ова е само почеток – вели Сефери.

Тимот што стои зад „ВИ Сега“ е: Суад Сефери, Сеад Џигал, Билјана Димовска, Александра Тодоровиќ и Бојан Стојковски.
Сите што сакаат да бидат дел од оваа организација треба да ја пополнат формата на линкот. „ВИ Сега“ ќе организира семинари, работилници и обуки за ученици, студенти и професионалци, ќе поттикнува научни истражувања и ќе развива стандарди за етичка примена на ВИ во различни индустрии.
Со оваа иницијатива, „ВИ Сега“ се стреми да ја постави Македонија на мапата на земји кои активно работат на интеграција на вештачката интелигенција во своето општество и економија.