Фото: ЕПА

Мундијалот во алпско скијање се одржува од вчера во Залбах (Австрија), а во следниот период на програмата се и планетарните шампионати во другите спортови застапени на ЗОИ 2026. На Игрите од 6 до 22 февруари в година во Милано и во Кортина д`Ампецо е предвидено да има 116 натпревари за медали во 16 спорта

ЗИМСКИ СПОРТОВИ

Со вчерашната трка во паралелслалом на Светското првенство (СП) во алпско скијање во Залбах (Австрија) почна серијата на светски првенства во зимските спортови во пресрет на Зимските олимписки игри (ЗОИ) што по една година треба да се одржат во Милано и во Кортина д`Ампецо (Италија).
Од спортовите застапени на ЗОИ 2026, по светскиот шампионат во алпско скијање, во следниот период се и мундијалите во санкање (во Вистлер, Канада), биатлон (Ленцерхајд, Швајцарија), нордиско скијање (Трондхајм, Норвешка), скијачко планинарење (Моржен, Швајцарија), боб и скелетон (Лејк Плесид, САД), брзо лизгање (Хамар, Норвешка), брзо лизгање на кратки патеки (Пекинг, Кина), карлинг за жени (Уиџенгбу, Јужна Кореја), сноуборд (Енгадин, Швајцарија), уметничко лизгање (Бостон, САД), карлинг за мажи (Мус Џо, Канада), фристајл скијање (Сент Мориц, Швајцарија), хокеј (Ческе Будејовице во Чешка за жени, а во Стокхолм, Шведска, за мажи)… Многу од овие светски првенства се и квалификациски за настап на ЗОИ 2026. Годинава ќе биде важна и за спортистите што сакаат да се пласираат на ЗОИ 2026 преку индивидуални или тимски ранг-листи, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК).
На Зимските олимписки игри од 6 до 22 февруари в година е предвидено да има 116 натпревари за медали во вкупно 16 спорта. Се очекува настап на повеќе од 3.500 спортисти од 93 земји. Олимписко деби ќе има скијачкото планинарење.
За првата фаза од продажбата на билети има 347.000 регистрации, речиси 30 отсто од Италија и повеќе од 70 проценти од странство, најмногу од САД, Германија, Велика Британија, Франција, Холандија, Швајцарија и од Канада, пишува на официјалната страница на ЗОИ 2026. Н.М.


НЕКОИ СВЕТСКИ ПРВЕНСТВА ГОДИНАВА

СПОРТ ДАТУМ ДОМАЌИН
Алпско скијање 4-16.2 Залбах (Австрија)
Санкање 5-8.2 Вистлер (Канада)
Биатлон 12-23.2 Ленцерхајд (Швајцарија)
Нордиско скијање 26.2-9.3 Трондхајм (Норвешка)
Скијачко планинарење 2-9.3 Моржен (Швајцарија)
Боб и скелетон 6-16.3 Лејк Плесид (САД)
Брзо лизгање 13-16.3 Хамар (Норвешка)
Брзо лизгање, кратки патеки 14-16.3 Пекинг (Кина)
Карлинг (жени) 15-23.3 Уиџенгбу (Ј. Кореја)
Сноуборд 16-30.3 Енгадин (Швајцарија)
Уметничко лизгање 25-30.3 Бостон (САД)
Карлинг (мажи) 29.3-6.4 Мус џо (Канада)
Фристајл скијање 17-30.3 Сетн Мориц (Швајцарија)
Хокеј (жени) 9-20.4 Ческе Будејовице (Чешка)
Хокеј (мажи) 9-25.5 Стокхолм (Шведска)