Фото: ЕПА

За тест-фазата се избрани стадионите на Баерн, Баер, Борусија Д., Лајпциг, Ајнтрахт, Фрајбург, Сент Паули, Фортуна и Гројтер Фирт. Некои одлуки на ВАР се тешко разбирливи за гледачите и затоа ИФАБ одлучи во почетокот на 2023 година да експериментира со судиите што ги објавуваат своите одлуки. Ова одамна е вообичаена практика во американскиот фудбал, хокејот на мраз и во рагбито. Во март лани ИФАБ даде дозвола за најави за стадионите на меѓународни турнири или првенства, откако беше добро прифатено на СП 2023 за жени. Судијата треба да објави ако ја сменил одлуката врз основа на информациите од ВАР и треба да ја пренесе својата конечна одлука откако ќе погледне реприза по совет на ВАР, пишува „Дојче веле“

ФУДБАЛ

Првпат во германската прва лига судиите ѝ ги објавуваа своите одлуки на публиката на трибините, а тоа беше овозможено на четири натпревари во фудбалската Бундеслига викендов, вклучувајќи ги и домашниот натпревар на Баерн со Кил, како и на натпреварот од Втората лига помеѓу Диселдорф и Улм, пишува „Дојче веле“. Тоа важи само за одлуките донесени откако ќе интервенира системот видеопомошник-судија (ВАР).
За тест-фазата, која трае до крајот на сезоната, беа избрани стадионите на деветте клуба што се членови на Фудбалската комисија на Германската фудбалска лига (ДФЛ): Баерн, Баер, Борусија Дортмунд, Лајпциг, Ајнтрахт Франкфурт, Фрајбург, Сент Паули, Фортуна Диселдорф и Гројтер Фирт.
Во 2016 година Меѓународниот одбор на фудбалска асоцијација (ИФАБ), највисоката регулаторна власт во спортот, одобри употреба на ВАР. Холандија со години експериментираше со употреба на дополнителни судии за контроверзни ситуации, кои гледаат видеорепризи за да проверат дали судијата на теренот ја донел вистинската одлука и интервенирал кога е потребно, пишува „Дојче веле“. Судиска одлука беше поништена поради ВАР првпат на натпревар од холандскиот куп во есента во 2016 година.
ВАР беше воведен во Бундеслигата за сезоната 2017/2018. Според ИФАБ, системот ВАР веќе се користел во 15 земји во тоа време, вклучувајќи ги Франција, Италија, Бразил, Австралија, САД, Саудиска Арабија и Катар. Во 2018 година, ИФАБ го вклучи ВАР во меѓународниот правилник. Сепак, со оглед на високите технички трошоци што се вклучени, националните асоцијации треба да одлучат дали да го имплементираат ВАР, пишува „Дојче веле“.

Според ИФАБ, ВАР треба да се користи само во случаи на „јасна и очигледна грешка“ или „сериозен пропуштен инцидент“ во четири ситуации: кога е постигнат гол, во случаи за пенал, покажан црвен картон и ако судијата по грешка предупредил или исфрлил погрешен играч. Сепак, правилата не се толку јасни како што изгледаат на прв поглед. Секако дека има простор за толкување: на пример, кога инцидентот пред успешен удар кон голот е доволно сериозен за да се разгледа, кога одлуката е јасно погрешна, а кога е прашање на мислење, пишува „Дојче веле“.
Некои одлуки на ВАР се тешко разбирливи за гледачите, без разлика дали гледаат од трибини или преку ТВ. Тоа е причината зошто ИФАБ одлучи во почетокот на 2023 година да експериментира со судиите што ги објавуваат своите одлуки. Тоа одамна е вообичаена практика во американскиот фудбал, хокејот на мраз и во рагбито.
Во март 2024 година ИФАБ даде дозвола за најави за стадионите на меѓународни турнири или првенства, откако беше добро прифатено на Светското првенство за жени во 2023 година во Австралија и во Нов Зеланд.
Судијата треба да објави ако ја сменил одлуката врз основа на информациите дадени од ВАР. Тој исто така треба да ја пренесе својата конечна одлука откако ќе погледне реприза на спореден монитор по совет на ВАР.

Што мислат судиите за нивната нова задача?
– Не секој ќе се чувствува удобно кога ќе му се слушне гласот на стадион. Тоа е причината зошто моравме да примениме мало убедување – рече поранешниот судија Јохен Дрис, кој е одговорен за употребата на ВАР во Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ), пренесе „Дојче веле“.
Судиите беа обучени за нивната нова задача на неколку тренинг-кампа, а последниот на еден курс во Португалија за време на зимскиот распуст, рече Дрис.
– Сега тоа е дел од судискиот репертоар – вели тој.
Тестната фаза треба да вклучи 67 натпревари во првите две дивизии на Германија во остатокот од сезонава. Потоа, ДФБ и ДФЛ ќе одлучат дали судиските најави ќе бидат редовни од сезоната 2025/2026. Тешко е да се замисли дека критиките целосно ќе престанат. Гледачите можеби ќе бидат уште повеќе изнервирани, бидејќи судиските најави сигурно ќе ги направат прекините на фудбалските натпревари уште подолги отколку што се веќе, а има фудбалски правила што тешко се сфаќаат, како што е играта со рака, со што се осигурува дека уште има простор за толкување со или без ВАР, пишува „Дојче веле“. Г.И.