Премиерот Христијан Мицкоски денеска еден ден по бојкотот на големите маркети по постојаното поскапување на основните прехранбени производи, изјави дека инспекторите се на терен во сите поголеми супермаркети, се прави детална анализа, при што според првичните сознанија она за што биле загрижени во однос на цените е всушност реалност. Повеќе детали за анализите најави од понеделник.
-Да излегоа на терен сите институции, повеќе информации би имал од понеделник, но можам да кажам дека се наоѓаме буквално во сите поголеми супермаркети и се прави детална анализа, повеќе информации ќе можам да споделам со јавноста од понеделник. Но, можам да кажам дека делот од она што бевме загрижени, односно нашите стравувања стануваат вистина и реалност, така што делуваме и ќе продолжиме да делуваме. Како Влада имаме обврска да го штитиме стандардот на граѓаните – истакна денеска Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање по присуството на настанот во Кочани на кој беа доделени клучеви од новата зграда наменета за социјално ранливите семејства во Општината.
Тој нагласи дека истовремено ќе се води сметка и за пазарната економија, односно да не дојде до нарушување на нејзините принципи и додаде дека сите засегнати треба заедно да работат со цел од целата ситација да излезат како победници.
Пораки дека решение за високите цени треба да се бара низ дијалог меѓу производителите и продавачите и да се почитува Законот за нефер трговски практики, беа упатени во тек на бојкотот на големите синџири маркети што се одржа вчера првпат во државава по постојаното поскапување на основните прехранбени производи. Повикот за бојкот ги остави речиси празни најголемиот дел од маркетите, а намалено беше и пазарењето во помалите продавници и на пазарите. За износот на намалениот промет се очекуваат информации од Управата за јавни приходи.