Четири концерти на групата „21 век“ ќе се одржат од 20 до 23 февруари во „Котур“. Двата концерта на 20 и 21 февруари веќе се распродадени, поради што се закажани уште два, на 22 и 23 февруари, од 21 часот, со што ќе биде затворен овој концертен маратон.
Музиката на „21 век“ претставува силна експресивна палета на влијанија, движејќи се од правци како постпанк до македонската традиционална музика. Критичарите ја карактеризираат нивната музика како поп-музика вкоренета во длабок андерграунд
– Бендот „21 век“ е најљубовниот панкерски бенд или најпанкерскиот љубовен бенд. Нема друг како Васко, кој може во три скромни збора да опише еден цел грст емоции. А Раде и Дени, неговите санчопансовци, умешно го следат јавајќи кон зајдисонцето. Со своите три енергетски набиени албуми издадени во рок од две години, групата само го трансформираа целото музичко и животно искуство од нивните претходни состави („Мај тиар“, „Бернајс пропаганда“ „ЕфИксПеИксОИкс, XAXAXA“) во лирична зрелост. И „21 век“ не е бенд, туку жесток порив за корнење на срцето. Да заплачеш и заиграш – велат организаторите.