Гимназиски професори по филозофија, логика и етика остро реагираат против новата нацрт-Концепција за гимназиско образование, истакнувајќи дека радикално и категорично ја отфрлаат понудената концепција, подготвена од Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието. Тие предупредуваат дека предложените промени ќе имаат сериозни негативни импликации врз учениците, професорите, образовниот процес и државата во целост. Свои забелешки истакна и Здружението на класични филолози на Македонија „Антика“.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска вчера рече дека ова е драфт верзија поставена на јавна расправа и откако ќе заврши јавната расправа ќе биде донесен дефинитивен заклучок. Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието неодамна ги повика сите наставници, ученици, родители, експерти и заинтересирани страни со свои мислења, предлози и забелешки да се вклучат во јавната дискусија за нацрт-концепцијата за реформи во гимназиското образование. Според МОН, таа е изготвена за да обезбеди современ, инклузивен и конкурентен образовен систем.
– Радикално и категорично ja отфрламе понудената Концепција за гимназиско образование. Мноштвени се негативните импликации во однос на учениците, професорите, гимназискиот образовен процес и државата во целост. Оваа концепција, во која се отстранети философијата и општествено-хуманистичките науки нуди ограничен светоглед без можност за аналитичко, синтетичко, критичко и креативно мислење. Концепцијата се засновува на логички и методолошки проблеми – неконзистентност, неаргументираност, противречност. Во логиката, овие грешки претставуваат карактеристики на нелогичното мислење, со самото тоа, на бесмисленото мислење. Ниту една од целите на Концепцијата не може да се реализира преку системот на предмети кои како задолжителни ги нуди концепцијата, зашто тие цели не се предмет на нивното истражување и суштинска тенденција. Единствената која е повикана да ги оствари поставените образовни цели, е токму философијата преку корпусот философски предмети – философија, логика и етика – се наведува во нивното отворено писмо.
– Највисокиот облик на мислењето е мислењето за самото мислење. Тоа е акт на философијата. Само во философијата се трага по тоталитетот на вистината, се остварува разговорот на душата самата со себе и се облагородува истата за дијалог и средба со другиот. Критичкото мислење почива на логички основи – се додава во него.
Професорите прашуваат: „Како ќе мислат учениците ако не ги знаат законите на логиката. Како ќе бидат доблесни, ако не ги знаат начелата на етиката. Етиката е единствената наука чиј проблем на изучување се доброто и злото, среќата и несреќата, страдањето и радоста“.
– Ниту математиката и природните науки, ниту општествено – хуманистичките науки, нема да ги научат учениците во што се состои човечката среќа. А, дали можеме да бидеме среќни, ако не знаеме што е среќата? Етиката го истражува односот кон себе самиот, кон другиот, кон заедницата на која припаѓаме, кон сопствениот народ и целото човештво. Биоетиката и еколошката етика се етички дисциплини. Историјата ги учи учениците што се случувало во минатото на нивниот народ, но етиката прави да го возљубат својот народ, а преку него и целото човештво. Градењето на национален, етнички и културен идентитет, како и почитувањето на историјата и културното наследство се остварува единствено преку философијата. Историјата ги учи учениците какви уредувања постоеле низ историјата, ама философијата ги учи какви треба да бидат уредувањата. Но, креаторите на Концепцијата очигледно ништо од ова не сфаќаат – се наведува во реакцијата од професорите.
Анализите покажуваат дека во сите европски земји се инсистира на философско образование. Со отстранувањето на филозофијата во македонското образование, не само што се отсекуваме од основите на европската цивилизација и мисла туку стануваме периферија која самостојно избрала да се апстрахира и од современите текови. Да не дозволиме да создадеме генерации кои, Хераклитовски, иако присутни во светов, ќе изгледаат како да се отсутни, кои иако будни ќе изгледа како да спијат, алармираат групата професори.
Исто така, Здружението на класични филолози на Македонија „Антика“, по темелно разгледување на предложените реформи, предлага предметот Латински јазик да добие статус на задолжителен предмет во прва и втора година со почетно изучување во гимназиското образование со два часа неделен фонд, 72 часа на годишно ниво. Предлага и водедување на предметот Класична култура и класични јазици во трета и четврта година гимназиско образование со два часа неделен фонд 72/66 часа на годишно ниво.
-Изучувањето на латинскиот јазик има долговековна традиција во Европа. Македонија е неизоставен дел од таа традиција, не само поради географската положба и античкото наследство, туку и поради тоа што е дел од Европа и сите научни дисциплини што се изучуваат во Република Македонија се базираат на западноевропските дисциплини чијашто стручна терминологија де факто и де јуре е на латински јазик – се вели во забелешките на „Антика“.
Во нив, меѓу другото, додаваат дека во нацрт-концепцијата статусот на предметот Латински јазик преминува исклучиво во изборен, предлог кој „Антика“ го смета за избрзан, поради тоа што при неговото изготвување не се консултирани професорите и наставниците по Латински јазик, односно луѓето кои единствени имаат реален увид во наставниот процес и во ефективноста на наставните содржини.
-Антика се надева дека ќе се ревидира предлогот за статусот на предметот Латински јазик во гимназиите поради неговата итердисциплонарна примена во медицината, ветерината, фармацијата, биологијата, правото, историјата, филозофијата и во многу други природни и општествени науки. Со оглед на тоа што латинскиот јазик е основа на странските јазици (англискиот, германскиот, францускиот, италијанскиот), кои се изучуваат во гимназиите во Република Македонија, сметаме дека не смееме да им ја ускратиме можноста на сите ученици за полесно и поефективно изучување на овие јазици – се вели во забелешките на „Антика“.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, вчера во изјава за медиумите рече дека не е точно оти предметите филофозија и логика се исклучени од концептот за реформа во гимназиското.
-Не е точно, ниту филозофија, ниту логика се исклучени. Но, како и да е, ова е драфт верзија поставена на јавна расправа. Сега прибираме сугестии, забелешки, предлози и откако ќе заврши јавната расправа ќе донесеме дефинитивен заклучок. Пред два дена бев на Филозофски факултет, имав средба со професорите од Филозофскиот факултет, разговаравме многу конструктивно. Очекувам и нивна поддршка, затоа што ги сослушавме и ќе постапуваме по заеднички препораки, но првенствено во корист на учениците – изјави Јаневска.