Фото: Пекселс

Загадувањето го зема својот данок и во Хрватска

Изјавата на Аљоша Дуплиќ, директор на Институтот за заштита на животната средина и природата, дека во Хрватска годишно умираат околу 3.500 луѓе поради загадениот воздух, го вклучи црвеното копче за аларм. Според директорот Дуплиќ, од ваквата состојба најпогодени се градовите Загреб, Славонски Брод, Сисак и Кутина. Како што изјави тој во интервјуто за Хина, континенталниот дел на Хрватска е под најголем притисок во текот на зимата, додека налето проблемот е помал.
– Се проценува дека во Хрватска годишно над 3.500 луѓе умираат предвреме поради лошиот квалитет на воздухот, додека само во Европа, според процените на Европската агенција за животна средина, умираат околу 300.000 луѓе – истакна Дуплиќ.
Зборувајќи за сериозноста на ситуацијата, тој потенцира дека во Хрватска, во 2023 година, Загреб, Славонски Брод, Сисак и Кутина биле под најголем притисок од загадувањето на воздухот со суспендирани честички, но и укажа на изворите на проблемот.
– Мораме да бидеме свесни дека имаме многу стар возен парк. Просечната старост на еден автомобил во Хрватска е помеѓу 13 и 14 години, а имаме и многу голем број дизел-возила. Бројот на возила во Загреб континуирано расте, а сообраќајот е еден од главните извори на загадување на воздухот Таму треба да се дејствува – рече Дуплиќ.
Како што наведе тој, Министерството за заштита на животната средина и Фондот за заштита на животната средина годинава започнале програма за подобрување на квалитетот на воздухот вредна повеќе од 220 милиони евра.
Според планот, ќе се финансираат проекти за возила со нулта емисија за оние со голема километража, како такси-услуги или возила за испорака, во износ од 90 милиони евра, од кои 45 милиони евра неповратни, а остатокот преку поволни заеми.

Ангел Митревски, наш постојан соработник од Сплит