Партии со идеологија и програми, а не со етнички агенди

Тоа е нашиот апсурд кога се дозволи регистрација на партии со етнички предзнак, наместо, како секаде во нормалниот свет, партиите да се дел од некоја идеолошка матрица. Затоа не е ни чудно што ниту една партија што носи етнички предзнак на Албанците во земјава не е дел од европските семејства на сродни по идеологија партии, бидејќи тие немаат идеологија, туку исклучиво етничка агенда што можеби беше актуелна во 19 век, но не и денес. Европските партии не сакаат такви субјекти во свое друштво, без оглед што нашинциве тука постојано се повикуваат на Европа и пропагираат некакви европски вредности

За овие три и кусур децении независност Македонија не успеа да се ослободи од етничките стеги со кои е оптоварено буквално и секое најминорно прашање во државата наместо да се сврти кон решавање на реалните проблеми на граѓаните, кои бараат пристоен стандард, чиста животна средина, просперитетна држава…
А вината зошто и во 21 век, кога светот се врти кон вештачката интелигенција и мисиите кон Марс, ние сѐ уште се занимаваме со етнички теми треба да се бара кај политичките партии, поточно кај оние што своевремено дозволиле регистрација на политички партии со етнички предзнак.
Имено, ако со Уставот на независна Македонија се предвидувало таа да биде унитарна држава, тогаш чуму партии што во своето име имаат име на некоја етничка група? Впрочем, тие и самите јасно истакнаа дека електоратот на кој му се обраќаат е исклучиво нивната етничка заедница, а програмските цели во најголем дел или речиси целосно се однесуваат на проекти наменети за одредена етничка заедница, често во колизија со унитарниот карактер на Македонија.
Кога така ќе се постават работите, тогаш се случува општествена сегрегација и денес имаме ситуација кога постои институционален паралелизам, се бараат два официјални јазика во државата, се инсистира на посебни училишта, посебна академија на науките и уметностите, посебен буџет, се истакнува знамето на друга држава, се повикува на бојкот на химната, дури се упатува и повик за одвојување на локалните самоуправи од државата, се бара попис по уникатни методи непознати во статистиката и уште многу други барања надвор од секаква логика.
Работата е отидена дотаму што и за најбанални работи се бара етничка застапеност, па дури и успехот на археолозите што откриваат епохално откритие во земјава се засенува бидејќи бил постигнат без етнички балансирани археолошки тимови.
Тоа е нашиот апсурд кога се дозволи регистрација на партии со етнички предзнак, наместо, како секаде во нормалниот свет, партиите да се дел од некоја идеолошка матрица. Затоа не е ни чудно што ниту една партија што носи етнички предзнак на Албанците во земјава не е дел од европските семејства на сродни по идеологија партии бидејќи тие немаат идеологија, туку исклучиво етничка агенда, која можеби беше актуелна во 19 век, но не и денес. Европските партии не сакаат такви субјекти во свое друштво, без оглед што нашинциве тука постојано се повикуваат на Европа и пропагираат некакви европски вредности.

Епилогот од ваквите процеси е тоа што како држава се соочивме со целосна институционална дисфункционалност само затоа што етничката партиска агенда доведе до тоа. Наместо квалитетни и компетентни кадри, институциите се наполнија со партиски војници по етнички клуч, а Владата стана заробеник на калкулациите за некакви победници во овој или оној блок.
Македонија е унитарна држава и сѐ додека е така во земјата се одржуваат едни избори, на кои има еден победник, кој самиот одлучува со кого ќе формира влада, но кој истовремено треба да се грижи еднакво за сите граѓани без оглед на етничката припадност. Ако најмногу гласови освоила македонска партија, тоа не значи дека програмата што ја нуди не се однесува на сите, туку напротив. Македонските партии што досега раководеа со државата покажаа дека се над етничката агенда и не правеа дистинкција по етничка линија меѓу граѓаните, за разлика од оние партии на Албанците, кои се држеа исклучиво до сопствената етничка заедница и постојано го билдаа рејтингот со градење етнички теми на сметка на македонската држава. Дури и направија штета на македонските национални интереси затоа што лично не беа засегнати, па сега државата е ставена во ситуација да води идентитетска борба со соседите.
Дополнително, таквиот нивен однос доведе кон тоа да се раѓаат млади генерации што Македонија не ја доживуваат како своја држава, туку се задоени со соништата за некои други држави, а некои од нив подлегнуваат и на радикални идеологии досега непознати на овие простори.
Затоа е повеќе од важно партите да почнат да забораваат на етничкиот момент и да се свртат кон идеологиите. Што ќе беше денес со САД, Франција или некоја друга држава ако водечките партии беа со некакви етнички предзнаци, имајќи во предвид мултиетничкиот карактер и на тие држави? Сепак, тие навремено ги надминаа таквите предрасуди и изградија партиски систем врз идеолошка матрица, каде што, без оглед на етничката припадност, се знае кој е конзервативец, кој е либерал, кој социјалдемократ, кој зелен, кој лабурист и слично. Или во САД, кој е републиканец, а кој демократ. Тоа е определбата кон која треба да се свртат партиите во Македонија, да ги мотивираат граѓаните да излезат да гласаат за програми и идеологии врз кои се засноваат тие програми, а не врз постојаните барања на одредена етничка група.
Партиите треба да им се обраќаат на сите граѓани, а не само на својот етникум. Така конечно ќе почнат да работат на општествена кохезија, етничките прашања ќе исчезнат, а она за што ќе се разговара ќе бидат реалните граѓански проблеми.
Триесет години се доволен временски период да се прележат овие болести кај младите демократии, така што и партиите со етнички предзнак треба да созреат и да се посветат на идеологија и програми за подобар живот на сите граѓани, а не само на некои. Преку единството се гради силна држава.