Некаде помеѓу сите празници во новата 2025 година и помеѓу неговите многубројни настапи со кои му почна годинава, „му украдовме“ малку време на младиот музичар Филип Велковски за да поразговараме за неговите актуелни настапи, за образованието, за музиката, за модата…Филип Велковски(19) завшрил средно музичко училиште во „Илија Николовски Луј“ како најуспешен ученик во учебната 2022/23 заради што е добитник на златна плакета од Фондацијата „Илија Николовски-Луј“. Сега е студент на Факултетот за музички уметности во Скопје во класата на проф. Игор Бакревски, но активно и успешно настапува во разни состави ширум Македонија, но и низ Балканот и Европа. Разговаравме неколку дена по концертот кој се одржа во Македонската филхармонија како завршен настан од концертната турнеја на Младинскиот оркестар од Западен Балкан ( WBYO – Western Balkans Youth Orchestra).
На последнава турнеја, настапивте во Белград, Приштина, Сараево, Нови Сад и завршивте во Скопје. Какви се Вашите впечатоци?
Со голема благодарност и исполнето срце ја заокружувам мојата турнеја низ Србија, Косово и Босна и Херцеговина, која кулминираше со незаборавниот и најспецијален настап во Македонската Филхармонија. Ова патување беше повеќе од обична серија настапи – беше искуство на поврзување со луѓе од различни култури, градови и традиции преку универзалниот јазик на музиката. Секој концерт беше приказна сама за себе: од топлината и енергијата на публиката во Белград, до интимните моменти во Сараево, па сè до магичните звуци што одекнуваа во Приштина. На секоја сцена оставив дел од себе, но уште повеќе добив – инспирација, радост и спомени кои ќе ги носам со себе цел живот.
Кулминацијата во Македонската Филхармонија беше вистинска круна на ова патување. Да настапувам пред мојата публика, дома, во толку значајна и величествена сала, беше сон што се претвори во реалност. Тој момент беше одраз на сето она што го вложив низ годините – труд, љубов и посветеност кон музиката. Оваа турнеја не би била возможна без тимот што стоеше покрај мене, без поддршката од сите оние кои веруваат во мене и, најважно, без мојата публика која ја прави секоја нота значајна. Благодарност до сите што беа дел од ова патување – ова е само почеток на уште многу музички авантури што доаѓаат!”
Покрај обврските со факултетот, Вие активно концертирате. Ајде да спомнеме некои за Вас најдраги и најуспешни настапи…
На мое огромно задоволство и подршката на мојот професор имам среќа да препознаваат некаков сензибилитет кај мене и ми се нудат проекти кои навистина ме прават комплетен уметник и со радост излагам на сцената заедно со мојот најдобар пријател Давид Павиќ кој не само што ми е музички соработник туку и некој кој што сакам неизмерно многу да го слушам и уживам во неговите
солистички изведби. Морам да ги спомнам и гостинот одГрција Вангелис Драгатсис, со кој неодамна настапивме на мое огромно задоволство дојде специјално да одржиме концерт под наслов „Музичка моќ на обединување”. Пресреќен сум што мојата Јана Јовиќ, мојата подршка е секогаш со мене заедно на сцената каде што со нејзиниот умилен глас од виолината им ги топи срцата на
публиката но понекогаш и со нејзиниот прекрасен чист вокал. Би ги издвоил настапите преку Полихимнија кои беа во Рим Илталија,Белград Србија и Нашице Хрватска. Настапите во Будимпешта Унгарија ,Луксембург, Берлин Германија и мојот солистички концерт кој го одржав во мојот роден град, Скопје.
Имавте забележани настапи во Скопје, Струмица, но и во Берлин…Раскажете ни за нив…
Морам да напоменам дека имам и богато оркестарско музицирање надвор од нашата држава. Имено, ќе ги спомнам настапите во Италија во меѓувреме имав и
солистички настап во Витербо а во младинскиот оркестар бев прв кларинет, имав турнеа со тој оркестар во Словенија и Србија, потоа исто бев прв кларинет во младински оркестар во Луксембург и морам да спомнам дека е многу различно музицирањето оркестарско од солистичкиот настап, одговорноста е подеднаква разликата е само во сензибилитетот. По покана од фестивалот Камерата Ад Астра по класична музика во Струмица настапивме со мојот колега Давид Павиќ каде што ја имавме честа да го затвориме фестивалот. Истиот месец имав два концерта во Скопје кој едниот беше подржан од Министерство за култура. А концертот во Берлин беше завршен концерт како дел од оркестарор на западниот Балкан.
Камерната музика е Ваша пасија, а работите и како модел…Каде се спојуваат, а каде се раздвојуваат модата и музиката во Вашиот живот…
Апсолутно камерната музика е начин на мојот уметнички израз обидувајќи се заедно со моите колеги да им ја пренесеме емоцијата на пошироката јавност сакајќи да допреме до нив. Се надевам дека успеваме во тоа, а потврдата е големата посетеност. Што се однесува до манекенството тоа е тесно поврзано со музиката и со сето она што мене ме интересира, бидејќи заедничкиот еквивалент на овие две мои љубови е ритамот. Тој е движечка сила која ме води на музичката сцена но и многу помага движејќи се низ црвениот тепих на модните писти.
Фасцинантно е тоа колку нам уметниците ни е битна визуализацијата тоест односот и кодексот на облекувањето, а тоа претствува култура на живеење.
Иако активно настапувате, примарно сте студент. Какви промени во Вашиот живот донесе студирањето?
Секако, помислата дека веќе станувам академски граѓанин во ова општество, ме исполни со една невообичаена енергија, посебна одговорност, особено што дознав дека мојот професор е токму Игор Бакревски. Имам среќа што сум токму кај тој еминентен професор кој е и репродуктивец и секогаш со голема радост одам на часови кај него, бидејќи знам дека часот ќе биде исполнет со разговори за музиката и музицирањето. Секако очигледен е и напредокот кај мене
во овие изминати месеци бидејќи благодарение на мојот професор работиме студиозно.
Голем број на млади трајно ја напуштија Македонија, но последниве две години како да се менува и таа навика. Кои се Вашите идеи за натамошниот живот и кариера? Би се иселиле ли од Македонија?
Секако дека не би се иселил од Македонија, ама моите планови се посета на мастер класови по европски престолнини со единствена цел за да се до образувам а тоа знаење и искуство потоа да го имплементирам тука, кај нас. Ме радува фактот што веќе државата, системот препознава квалитети во нас младите, срамежливо се обидува да ниизлезе во престрет. Се надевам ама искрено дека во иднина таа помош ќе биде од клучно значење за нас младите кои ќе се рефлектира врз домашната музичка сцена, и ќе бидеме достојни презентери и уметнички амбасадори на нашата држава во светот.
Млад сте, но амбициозен, посветен и веќе успешен со оглед на возраста. Која е Вашата порака кон младите во државава?
Не сакам да звучам клише но работата, дисциплината и самосвеста се клучен фактор за успешноста. Јас се обидувам да ги запазам овие елементарни основи за
надоградба како на лично така и на професионално ниво. Мојата интенција е како млад уметник да се етаблирам со мојата музика на сцените овде но и надвор од нашата држава. Желбата да бидам некој и нешто и да станам име и презиме е мотивирачка сила која ме води, како млад човек им го препорачувам на сите мои врсници. Вербата во себе ќе ги натера и другите да веруваат во вас.