На својата конститутивна седница, комисијата за доделување на наградата „Роман на годината“ за 2024 година, која ја доделува фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, констатираше дека на годинашниот конкурс, кој се одвиваше од 15 декември минатата година до 15 јануари годинава, пристигнале 43 романи.
Комисијата, во состав: Лидија Димковска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Маја Бојаџиевска, Ѓоко Здравески, Андреј Ал-Асади и Катерина Богоева (претставничка на фондацијата), констатираше дека и годинашната конкуренција е составена од различни жанрови и дека процесот за избор на најдобро дело воопшто нема да биде лесен. Комисијата и годинава ќе направи неколку селекции на пристигнатите романи, а селектираните романи јавно ќе бидат објавени. Комисијата е должна да го соопшти името на добитникот до 15 март.
Наградата „Роман на годината“, која е поддржана од Министерството за култура на Македонија, годинава ќе биде доделена 26-ти пат. Признанието се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Меѓу пристигнатите дела се: „Безсловен“ на Кирил Ангелов, „Ветрилиште“ на Игор Анѓелков, „Јод“ на Снежана Младеновска Анѓелков, „Играта на господин Филип“ на Санта Аргирова, „Коски, пепел, чад“ на Мери Арсова, „Напластување“ на Јасмина Атанасова, „Риба во(н) мрежа“ на Јована Матевска Атанасова, „Роботот 1971“ на Бобан Богатиновски, „Кум“ на Саша Богдан, „Ковчежето со драгите предмети“ на Матеј Богдановски, „Тони“ на Румена Бужаровска, „Кога соништата не заспиваат“ на Викторија Гаго и др.