Фото: Н.М.

Низ земјава одбележан големиот христијански празник Богојавление-Водици

Православните христијани што се водат по јулијанскиот календар го прославија големиот христијански празник Богојавление-Водици. Со положувањето на светиот крст во реките и езерата низ земјава беа осветени сите македонски води.
Според христијанското учење, Господ ја осветува водата за нас, кои сме облечени во тело, преку оросување со Светиот Дух, осветувањето треба длабоко да навлезе во внатрешното битие на човекот и да го направи обновена личност, жител на рајот и сведок на тајните божествени.

Фото: Н.М.

Општа карактеристика на годинашните празнувања на црковните празници беше масовното присуство на божествените литургии во црквите и манастирите, во изведување на обичаите и обредите.
Екипа на „Нова Македонија“ годинава присуствуваше на уникатното празнување на Водици во Битуше, кое во 2019 година е прогласено за културно наследство од исклучително значење.

Фото: Н.М.
Фото: Н.М.
Фото: Н.М.

Овој празник во Битуше се прославува изворно, како што се прославувал пред повеќе години.

На ова празнување во прв план се жените наречени кумстарки. Облечени се во оригинални и богати народни носии, некои стари повеќе од сто години, наследени од мајка на ќерка. Кумстарките со таблите на глава, во кои има домашен леб, одат во поворка низ селото до црквата и пеат водичарски песни за здравје и благодат. Во песните се споменуваат машките членови на семејствата. Со ова се отсликува минатото на селото, кога повеќето од мажите заминувале на печалба, а жените останувале и ги одржувале домовите и семејствата. Со пеењето песни, жените им посакувале здравје на мажите гурбетчии.
Во дворот на црквата „Свети Архангел Михаил“, покрај пеењето, се игра Јованово оро.
По орото, кумстарките одат во селскиот културен дом, каде што се остава лебот. Таму мажите ги сечат лебовите и се приготвува храната. Откако кумстарките, за кои е подготвена софрата, јадат први, по нив ручаат и мажите. Н.М.