Фото: ЕПА

Уживам да ја работам оваа работа. Уживам да им го носам на моите тимови и на моите играчи сето она што бев како фудбалер. Тоа е работа што уште ми дава големо задоволство, изјави Инѕаги за „Скај спорт“. Тој имаше две промоции во повисок ранг со Венеција и уште една со Беневенто, а сега со Пиза, клубот што некогаш беше во петтата лига, има седум бода повеќе од третопласираната Специја и е на пат за директен пласман во Серија А

ФУДБАЛ

Пиза е на пат да се врати во италијанската фудбалска Серија А првпат по 34 години. Тренерот Филипо Инѕаги, легендарниот италијански напаѓач, со динамика и подобрен професионализам може да го врати овој познат град во фудбалската елита, пишува „Скај спорт“. Стефано Морео, напаѓачот што ја сврте кариерата сезонава, зборува за ентузијазмот на Инѕаги што ја прави разликата. Џовани Бонфанти, младиот дефанзивец ангажиран од Аталанта, потпиша дури по личен телефонски повик од самиот Инѕаги, Симоне Канестрели, кој од неодамна се поврзува со трансфер во Милан, е импресиониран од неговата очигледна страст за проектот. Антонио Карачоло, капитенот, вели дека Инѕаги е тој што го променил менталитетот во клубот, а неговата харизма влегува во главата на играчите, пишува „Скај спорт“.

СКРОМНОСТ, ЕМПАТИЈА, ЕНТУЗИЈАЗАМ

Резултатот е дека клубот што некогаш беше во петтата лига има седум бода повеќе од третопласираната Специја и е на пат за директен пласман во Серија А.
– Она што ме импресионира кај Филипо е скромноста што ја покажа. Тоа е начинот на кој тој се однесува со сите вработени во клубот, не само со шефовите. Мислам дека создава посебна емпатија и ентузијазам. Тоа доаѓа од неговиот карактер, неговиот пристап кон луѓето, неговиот начин на комуникација, неговата посветеност и скромност – изјави за „Скај спорт“спортскиот директор Давиде Ваира.
Што е тоа што го тера Инѕаги да сака да го направи сето ова? Тој е некој што освоил сѐ, победник во Лигата на шампионите (ЛШ) со Милан, светски првак со Италија. Но, еве го сега, на 51 година, се обидува да ја направи разликата во Серија Б, пишува „Скај спорт“. Поставувајќи го тоа прашање до Инѕаги, јасно е дека гладот, толку очигледен на теренот, уште е во него.
– Ме води страста. Истата страст што ми даваше поттик во текот на мојата кариера уште од првите чекори. Кога решив да бидам тренер, отидов во Венеција, во Серија Ц. Уживам да ја работам оваа работа. Уживам да им го носам на моите тимови и на моите играчи сето она што бев како фудбалер. Тоа е работа што уште ми дава големо задоволство – изјави Инѕаги за „Скај спорт“.
Тој имаше два пласмани во повисок ранг со Венеција и уште еден со Беневенто. Но неговите искуства во највисоката дивизија беа понезгодни, од првата работа со Милан до кратките престои во Болоња и во Салернитана, пишува „Скај спорт“. Инѕаги смета дека сега е подобар.
– Сега имам речиси 350 натпревари како професионален тренер и јасно е дека секогаш учите нешто затоа што секогаш има што да научите. Мислам дека тренерот мора да еволуира и да расте со текот на времето за да успее. Во слободните моменти што ги имав се обидов да ја проучувам работата на подобри и поафирмирани колеги и, се разбира, имам доволно среќа што можам често да споделувам идеи со мојот брат Симоне, кого го сметам за еден од најдобрите тренери во Европа – објаснува тој.

ИНЅАГИ ТРЕНЕРОТ, ИНЅАГИ ИГРАЧОТ

Симоне е тренер на Интер, кој го предводеше до титулата во Серија А во минатата сезона. Во нивните тренерски кариери, најсилно блесна малиот брат. Иако и двајцата играа за Италија во нивните играчки денови, Пипо беше суперѕвездата, пишува „Скај спорт“. Тој останува меѓу најдобрите стрелци во историјата на ЛШ, постигна два гола во финалето во 2007 година против Ливерпул. Познат по играњето до рамото на последниот одбранбен играч, неговата способност да намириса гол одникаде му донесе место во елитата. Во ерата на повеќе мултифункционални фудбалери, Инѕаги би се вклопил во модерната игра како играч што бега од топката при изградбата на акциите наместо да оди кон неа. Тој признава дека тоа било друго време, но го гледа фудбалот како поцикличен.
– Мојот период беше период на големи напаѓачи во светот. Тоа беше и златна ера за италијанскиот фудбал. Секако дека сега е потешко да се најдат такви играчи, ги има помалку, но мислам дека тоа е циклус што е предодреден повторно да се промени – вели Инѕаги.
Дали Инѕаги тренерот би се снашол со Инѕаги играчот?
– Мислам дека би имале многу добри односи. Бидејќи како фудбалер бев некој што постигнуваше многу голови. И многу се грижев за мојата работа, за тимот и за резултатот на натпреварот. Не сакам премногу дриблинзи. Верувам дека во фудбалот треба да бидете што е можно повертикални – одговара тој, пренесе „Скај спорт“.
Таа сериозност кон неговата работа, таа потреба за дисциплина, тоа е најголемото нешто што го пренесе од своите играчки денови.
– Од првиот ден на подготовките во почетокот на сезоната работев многу на основните принципи на групата, правилата за меѓусебно почитување, чувството за должност и одговорност. На теренот сакам мојот тим да може да остане уреден и компактен – вели Инѕаги.
Карачоло вели дека претсезоната била најтешка во неговата кариера. Николас Бонфанти, неговиот тимски колега, зборува дека мораат да „трчаат како луди“ на теренот, а сега ги чувствуваат придобивките од таа летна работа. Во 10 наврати, Пиза го постигна првиот гол на мечот во првото полувреме.
– Со Филипо и неговиот персонал се обидовме да создадеме поинаков менталитет, култура на работа, почитување на правилата. Тоа беше вистинскиот човек на вистинското место во вистинско време. Наследивме многу играчи што поради една или друга причина не дадоа сѐ од себе во минатата сезона, но, сепак, беа многу силни играчи. Мислам дека годинава оваа група наследени играчи, заедно со фудбалерите што ги доведовме, го создадоа вистинскиот микс – вели Ваира, кој му се приклучи на клубот летово.
Пиза би била добредојдено дополнување во Серија А, со нејзината крива кула видлива од арената „Гарибалди“. Се зголемува возбудата во градот, пишува „Скај спорт“.
– Финансиското влијание од пласманот во Серија А би било огромно поради ТВ-правата. Доаѓањето тимови како Јувентус, Интер, Милан, Наполи и дербито со Фиорентина би привлекло многу гледачи. Тоа би било плус за рестораните, баровите и хотелите. Но тука е и емоционалното влијание врз градот. Триесет и четири години се многу кога станува збор за фудбалот – вели Ваира.
Но, останува уште работа, сезоната е долга, вели Ваира.
– Пред само три сезони, Пиза го загуби финалето од плејофот во продолженијата. Ќе продолжиме да работиме сериозно, како што работевме од првиот ден – рече тој. Н.М.