По седмото коло неделава и осмото идната недела, можни се промени во пласманите на табелите, откако во ЛШ разликата меѓу тимовите од третото до 14-то место е само два бода, меѓу третопласираниот и 19-от тим на табелата три бода, а во ЛЕ од осмопласираниот до 25-от тим на табелата има четири бода разлика
ФУДБАЛ
По повеќе од еден месец пауза, неделава продолжуваат натпреварите во лигашката фаза на два фудбалски купа, Лигата на шампионите (ЛШ) и Лига Европа (ЛЕ), со мечевите од седмото, претпоследно коло сезонава. Тимовите во Конференциската лига (КЛ) нема да играат до 13 февруари, за кога се закажани првите плејоф-дуели за влез во осминафиналето, кое на програмата е во март, а во кое директно се пласираа осум клуба.
Во реформираното најсилно клупско натпреварување во Европа во тек е трката за влез меѓу 16-те најдобри (првите осум тима) и за учество во плејофот (екипите од деветтото до 24-то место) за пласман во осминафиналето. Води Ливерпул, кој по шест кола е единствен без загубен бод, а Барселона е второпласирана, со еден пораз.
Разликата меѓу тимовите од третото до 14-то место е само два бода, а меѓу третопласираниот и 19-от тим на табелата три бода, па по последните две кола сезонава (осмото коло е идната недела) можни се промени во пласманите на табелите. Во седмото коло, меѓу другите, играат Атлетико Мадрид – Баер, Ливерпул – Лил, Бенфика – Барселона, Пари сен Жермен – Манчестер сити, Феенорд – Баерн…
Слична неизвесност има и во Лига Европа, која исто така се игра според нов формат во однос на минатите сезони. Разликата од осмопласираниот Глазгов ренџерс до 25-от тим на табелата, Брага, е четири бода. Во Конференциската лига се играа вкупно шест кола во лигашката фаза (во Лигата на шампионите и во Лига Европа се играат по осум), па во тоа натпреварување веќе е извлечена ждрепката за плејофот за влез во осминафиналето, во кое директно ќе настапат Челси, Виторија, Фиорентина, Рапид, Ѓургарден, Лугано, Легија и Серкл Бриж.
Лига на шампионите, седмо коло: утре играат Аталанта – Штурм, Монако – Астон вила (двете од 18.45 часот), Атлетико Мадрид – Баер, Болоња – Борусија Дортмунд, Клуб Бриж – Јувентус, Црвена звезда – ПСВ Ајндховен, Ливерпул – Лил, Слован – Штутгарт и Бенфика – Барселона (сите од 21 ч.). Двојки за среда: Лајпциг – Спортинг, Шахтер – Брест (двете од 18.45 ч.), Реал Мадрид – Салцбург, Пари сен Жермен – Манчестер сити, Спарта – Интер, Арсенал – Динамо Загреб, Селтик – Јанг бојс, Феенорд – Баерн и Милан – Џирона (сите од 21 ч.).
Табела: Ливерпул 18 бода, Барселона 15, Арсенал, Баер, Астон вила, Интер, Брест и Лил по 13, Борусија Дортмунд, Баерн, Атлетико Мадрид и Милан по 12, Аталанта и Јувентус по 11, Бенфика, Монако, Спортинг, Феенорд и Клуб Бриж по 10, Реал Мадрид и Селтик по девет, Манчестер сити, ПСВ Ајндховен и Динамо Загреб по осум, Пари сен Жермен и Штутгарт по седум, Шахтер и Спарта Прага по четири, Штурм, Џирона, Црвена звезда и Салцбург по три, Болоња два, Лајпциг, Слован Братислава и Јанг бојс без бодови. Н.М.