Основното јавно обвинителство – Скопје поведе истрага против 26-годишен скопјанец за кој постои основано сомнение дека сторил разбојништво и две тешки кражби.
Како што соопшти Јавното обвинителство, на 20 декември 2024 година осомничениот дошол пред врата на стан на улицата „Венјамин Манчуковски” во Аеродром и тропнал на вратата. Кога сопственикот излегол, физички го нападнал со тупаници, од раката му го одзел мобилниот телефон, а кога оштетениот паднал на земја, му одзел уште 1 200 денари. На 26 декември 2024 година, заедно со еден малолетен соизвршител, осомничениот извршил тешка кражба во угостителски објект во Аеродром на булеварот „Кузман Јосифовски – Питу”. Во објектот влегле насилно и по пребарување одзеле мобилен телефон. Уште една тешка кражба извршил на 18 јануари годинава, кога насилно влегол во пицерија на улицата „Фрањо Клуз” од каде украл 3 000 денари, клуч од касата и шишиња пиво, во вкупна вредност од 12 000 денари.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.