Премиерот на Гренланд, Муте Егеде / Фото: ЕПА

Премиерот на Гренланд, Муте Егеде, упати повик во јавноста за „независност од Данска и отстранување на оковите на колонијализмот“ во жестокото новогодишно обраќање што ги вкочани светот и Европа

Новогодишно обраќање што ги вкочани светот и Европа

Гренланд, најголемиот остров во светот со население од околу 60.000 жители, беше данска колонија додека не стана главно независна (автономна територија) со свој парламент во 1979 година. Но тој засега сепак останува данска територија, а Копенхаген ја контролира нејзината надворешна и одбранбена политика. Но, според договорот од 2009 година со Данска, Гренланд може да прогласи независност само по успешен референдум – за кој премиерот на Гренланд, Муте Егеде, се чини дека навести дека ќе го одржи заедно со претстојните парламентарни избори на Гренланд, кои ќе се одржат во април.
– Веќе почна да се работи за создавање рамка за Гренланд како независна држава – изјави во јавноста премиерот на Гренланд, Муте Егеде, додавајќи дека е потребно „да се направат големи чекори… Претстојниот нов изборен период мора да ги направи овие нови чекори заедно со граѓаните“.

Премиерот на Гренланд ја има поддршката од граѓаните

За потсетување, една широка анкета од 2016 година покажа дека постои јасно мнозинство (64 отсто) за целосна независност меѓу граѓаните на Гренланд. Натаму, анкетата од 2019 година покажа дека 67,8 отсто од Гренланѓаните ја поддржуваат независноста од Данска во следните две децении. Во еден таков контекст, премиерот Егеде (од 2021 година и доаѓа од партијата Заедница на нациите (ИА), која се залага за независност) изјави дека „односите на Данска со Гренланд сè уште не создале целосна еднаквост и дека островот заслужува да се претставува себеси на светската сцена“.
– Нашата соработка со другите земји и нашите трговски односи не можат да продолжат да се одвиваат само преку Данска – решително деновиве изјави премиерот на Гренланд.
Најновиот повик за независност на Гренланд од страна на премиерот Муте Егеде се совпадна со изјавите на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во врска со „купување на Гренланд од Данска“ – предлог што тој го даде за време на неговиот прв мандат и го повтори минатиот месец. Меѓутоа, светската јавност преку медиумите повеќе беше запозната со изјавите на Трамп во врска со Гренланд отколку со повеќегодишните барања на жителите на Гренланд за независност, кои се интензивираа последниве две-три години, со доаѓањето на власт на суверенистите од Партијата на нациите на премиерот Егеде. Практично, претседателот на САД го интернационализира прашањето за независност на Гренланд, што низ годиниве поради одредени околности не беше дозволено таа иницијатива да добие соодветен публицитет.

Гренланд има значителни природни богатства и резерви

Најголемиот остров на светот има значителни резерви на есенцијални минерали, вклучувајќи литиум, ниобиум, хафниум и циркониум – клучни компоненти за батерии и други технологии. Значи Гренланд има наоѓалишта на ретки метали, кои се барани поради нивната улога во технологиите за енергетска транзиција, но се достапни на само неколку локации во светот. Оние што располагаат со овие ресурси имаат значителна конкурентска предност. И покрај богатите минерални ресурси, Гренланд се потпира на Копенхаген за значителна финансиска помош, добивајќи годишна субвенција од околу 500 милиони евра. Во еден таков контекст, разбирливо е зошто глобалните сили се обидуваат да го прошират својот дофат и влијание на Арктикот, а Гренланд има слична геолошка конфигурација како и Арктикот. За споменување е дека на Гренланд е лоцирана воздухопловната база на американската војска Питуфик.


Реакции на јавно изразените симпатии кон Гренланд од страна на претседателот на САД

Уште во 2019 година, данската премиерка Мете Фредериксен ја опиша (првата) понуда на претседателот на САД, Доналд Трамп, за Гренланд, како – „апсурдна“. Во последниов случај, пак, кога непосредно пред стапувањето на Трамп на функцијата претседател на САД по вторпат, тој повторно го отвора прашањето за Гренланд, инстантно реагираа и повеќе европски лидери.
На пример, германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека разговарал за тоа прашање со други лидери на ЕУ, а резултатот од тие консултации бил дека „неповредливоста на границите е фундаментално меѓународно право“. Шолц изјави дека за време на тие разговори со лидерите на ЕУ, иницијативата за Гренланд од страна на Трамп била третирана како „недоразбирање во врска со одредени изјави што доаѓаат од САД“.
– Принципот на неповредливост на границите важи за секоја земја, без разлика дали се наоѓа источно или западно од нас – изјави во таа пригода Шолц, додавајќи дека се работи за „луди хипотетички работи“.
– Зборуваме за мошне луди хипотетички работи за администрација, која сè уште не е поставена – за јавноста повтори портпаролот на Европската комисија, чија изјава беше пренесена од новинската агенција АФП. Портпаролот на ЕК исто така издвои став дека „ЕУ сè уште се радува на соработката со администрацијата на Трамп“.
За издвојување е јавно изразениот став на главната портпаролка на Европската комисија, Пола Пињо, која рече дека суверенитетот на државите мора да се почитува „начелно“, изразувајќи став дека не сака да елаборира за ова прашање поради неговата „екстремно теоретска“ природа.
Натаму, новиот француски министер Жан Ноел Баро исто така реагираше по овој повод.
– Очигледно нема сомнеж дека Европската Унија нема да им дозволи на другите нации во светот да ги нападнат нејзините суверени граници, кои и да се тие – рече Баро, додавајќи дека „ние сме силен континент“!.
За издвојување е дека неколку часа откако Трамп го изнесе својот став за Гренланд, Данска објави дека ќе ги зголеми трошоците за одбрана на Гренланд за најмалку 1,3 милијарда евра – иако данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен рече дека времето е само „иронија на судбината“. Р.С.