Фото: МД Илинден, Тирана

Честитка по повод утрешниот голем православен празник, Христовото раѓање-Божиќ и денешниот ден Бадник, до верниците и до поглаварот на МПЦ-ОА упатија Сојузот на Македонците со исламска религија и Македонското друштво „Илинден“ – Тирана.

– Дозволете ми во наше лично име, од името на друштвото и на сите Македонците во Албанија, Вам лично и членовите на светиот архиерејски Синод, на преподобното монаштво и свештенство како и на сите православни верници, да Ви го честитаме големиот христијански празник, Раѓањето Христово – Божиќ, и да ви посакаме здравје, среќа, благосостојба – се вели во честитката потпишана од претседателот на друштвото, Никола Ѓурѓај, и претседателот на огранокот за Голо Брдо, Фатри Фетаху.

Во неа се наведува дека Божиќ е празник кој секој христијанин го дочекува во кругот на семејството, радувајќи се и славејќи го животот.

И оваа година, се додава во честитката, Божиќ нека биде инспирација сплотени со отворени срца и чиста мисла да помислиме на сите оние на кои им е потребна материјална и духовна поткрепа и безрезервно да им ја понудиме нашата помош.