Фото: Маја Јаневска - Илиева

Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) е на терен и врши контроли со цел да утврди како се движеле цените на основните прехранбени производи во изминатите месеци. Контролите се спроведуваат кај добавувачите, производителите и маркетите.

Целта, како што информира ДПИ, е да се направи мониторинг и анализи и да се утврди дали постои нелогично зголемување на цените кај одредени производи. По завршување, анализите ќе бидат испратени до Министерството за економија и труд со што, како што се наведува, ќе се одлучи за преземање на понатамошни мерки.

-Апелираме до сите трговци, да се придржуваат до акцијата и да не го надоместуваат намалувањето на цените на производите од кошницата со зголемување на други прехранбени производи. Свесни сме дека за дел од производите станува збор за берзански производи и дека оттаму доаѓа и промената на цените, но сепак сметаме дека може да се најде најповолно решение и за трговците и за граѓаните. Доколку трговците и понатаму продолжат со нелогично зголемување на цените, односно не ги намалат на цените маслото, јајцата, месото и месните производи, млекото и млечните производи ќе предложиме Владата да донесе Одлука со која ќе мора да се намалат цените- се вели во соопштението.

Од ДПИ информираат граѓаните ако забележат неправилности да пријават во Државниот пазарен инспекторат на 191 или на www.dpi.gov.mk.