Како дел од јавниот превоз, Скопје ќе добие намалување на сообраќајниот метеж, развој на модерни транспортни решенија и подобрување на квалитетот на воздухот
Писмо за намери за поддршка на првиот проект за 100-процентен систем за споделување електрични возила (кар-шеринг) на словенечката приватна компанија „Авант кар“ вчера потпишаа првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Се работи за приватна инвестиција на „Авант кар“ од Словенија во систем за заедничко користење возила, а се предвидува проектот да придонесе за подобрување на квалитетот на воздухот во Скопје, намалување на сообраќајниот метеж и за развој на модерни транспортни решенија. Неговата тест-фаза ќе почне во февруари, а во март ќе може да се почне со целосна услуга. За користење на услугата ќе биде неопходна мобилна апликација преку која ќе се наоѓа достапно електрично возило, а плаќањето ќе биде дигитализирано или преку платежна картичка. За изнајмувањето електрична возило ќе се плаќа по минута и изминат километар. Во февруари ќе се знае колку ќе чини изнајмувањето, но, како што вели сопственикот на „Авант кар“, Матеј Чер, тоа че биде пониско од користењето такси-услуга и во просек ќе биде од три до шест евра, а од центарот на градот до скопскиот аеродром ќе чини од 10 до 15 евра. Како што најави Чер, веќе се подготвени стотина електрични возила за Скопје.
Гази Баба, Аеродром и Чаир ќе бидат пилот-општини каде што ќе биде поставена инфраструктура за полнење на електричните возила, а полначите, според министерката Божиновска, ќе се напојуваат исклучиво со електрична енергија произведена од обновливи извори на енергија. Компанијата „Авант кар“ е присутна на пазарот повеќе од 20 години и работи во Словенија, Хрватска и во Австрија. Пред 12 години почна со електрична мобилност и во моментов има повеќе од 10.000 електрични возила. Со споделување електрични возила започна во 2016 година во Љубљана каде што сега тоа е дел од јавниот транспорт и го користат сите слоеви на заедницата. П.Р.