Инклузивен проект по повод Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби
Инклузивен проект по повод Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби – изложбата со наслов „Инсекти“ ќе биде отворена во „Мала станица“ утре, во 12.30 часот.
– Како и изминативе години, така и оваа, ние како институција креираме креативни проекти каде што младите од повеќе скопски училишта, ученици со или без хендикеп работат заедно, односно создаваат уметност. Во проектот беа вклучени учениците од гимназијата „Никола Карев“, од „Јосип Броз-Тито“ – пaралелка на меѓународна матура и учениците од училиштето за деца со оштетен слух и говор ДУЦОР „Партенија Зографски“, единствено од овој тип во нашата држава – велат од Националната галерија на Македонија.
Годинава предизвик беше графиката како ликовно подрaчје, техника сува игла. Децата имаа ретка и несекојдневна можност да научат нешто ново за оваа доста атрактивна графичка техника, и тоа од тимот професори и асистенти од Факултетот за ликовни уметности во Скопје – УКИМ. Со нивна асистенција тие прво учеа како со игла се реже цртежот, а потоа графиките да бидат испечатени во амбиентот на самиот факултет. Нивното графичко изразување беше на темата инсекти, што ги покажува нивната грижа и интерес кон инсектите и природата воопшто.
– Последните истражување се многу загрижувачки бидејќи покажуваат многу видови што се во опаѓање, а како причини има многу, но климатските промени се јавуваат како главен фактор. Оттаму, темата на која учениците ја работеа беа и оние видови пеперутки или бубачки што се токму во категорија на исчезнување, а со тоа и издигање на јавната свест за нив и избегнување поголеми катастрофи. Можеби сите не ги сакаат инсектите, но вистината е доколку тие исчезнат, тоа ќе предизвика еколошки хаос и исчезнување на храната за сите живи битија на нашата планета – вели за проектот Маја Димитрова, едукаторка.
На отворањето на изложбата музички настап ќе имаат учениците од гимназијата „Никола Карев“.