Фото: ЕПА

Речиси шест години по пензионирањето, додека се враќа на 40-годишна возраст во Светскиот куп, познатата патека „Олимпија дел Тофане“ во Кортина повторно ѝ е на ум на Вон, пишува ФИС. Кралицата на Доломитите ќе биде домаќин на трки во алпско скијање на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во 2026 година, а петтите Игри се евентуалната цел на Вон, бидејќи таа го почна своето враќање во Светскиот куп викендов, откако во саботата во супервелеслалом го освои 14-то место во Сент Мориц

Спектакуларната скијачка кариера на Линдзи Вон (САД) дојде до крајот, или така се чинеше, во италијанскиот скијачки центар Кортина д’Ампецо на 20 јануари 2019 година, во трка во супервелеслалом, а се пензионира неколку недели подоцна. Речиси шест години подоцна, додека третиот најуспешен алпски скијач, жени и мажи, во историјата на Светскиот куп во алпско скијање се враќа на 40-годишна возраст, познатата патека „Олимпија деле Тофане“ во Кортина повторно ѝ е на ум на Вон, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС).
Кралицата на Доломитите ќе биде домаќин на трки во алпско скијање на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Милано и во Кортина д`Ампецо во 2026 година, а петтите Зимски олимписки игри се евентуалната цел на Вон, бидејќи таа го почна своето враќање во Светскиот куп викендов. Во саботната трка во супервелеслалом таа го освои 14-то место во трката во Сент Мориц (Швајцарија).
– На крајот, ако успеам да стигнам до Кортина, тоа ќе биде мојата цел – рече трикратната олимписка медалистка.
Во нејзиниот врв, Вон беше веројатно најголемиот брзински тркач во историјата на алпското скијање и таа уште го држи рекордот во двата пола за победи во Светскиот куп и во спуст (43) и во супервелеслалом (28). Таа победи на многу трки од Светскиот куп во Лејк Луиз, Канада, вкупно 18, вклучувајќи и освојување на три први места во брзински трки во три последователни дена, по што стана позната едноставно како Лејк Линдзи, но повредите почнаа да го земаат својот данок кон крајот на нејзината кариера и во тие години се чинеше дека поминува повеќе време надвор од патеката отколку на неа, пишува ФИС.
– Бев во режим на преживување во последните години од мојата кариера. Речиси во секој подготвителен период добивав некаква повреда. Сега сум посилна, не размислувам за моето колено. Размислувам за тоа како ќе ја изведам трката. И тоа е сосема поинаков начин на размислување отколку порано – рече Вон, пренесе ФИС.
Последната од 82-те победи на Вон на Светскиот куп, рекорд за скијачки во времето на нејзиното пензионирање, кој оттогаш беше надминат од Микаела Шифрин (САД, 99 победи), беше остварена пред речиси седум години, во март 2018 година. И додека некои можеби се сомневаат дека Вон може да се врати во старата форма во нејзините 40-ти, таа верува дека нејзиното тело се чувствува многу помладо.
– Многу се забавувам. Мојата делумна замена на коленото помина толку добро и немам болка и оток. А штотуку почнав со оваа авантура и си помислив: „Ајде да се обидеме“. Не можам да ви кажам колку е голема разликата да можете да скијате без болка. Тоа е сосема нов свет за мене, вака добро не сум се чувствувала 15 години. Возбудена сум што се враќам – рече Вон.

Вон се врати во Светскиот куп првпат од 2019 година во саботата во Сент Мориц. Таа се подготвуваше за тоа во претходните неколку недели, учествувајќи на трки на пониско ниво на ФИС во почетокот на декември, пред да скија како предвозач на трките во Светскиот куп во Бивер Крик пред десетина дена.
Во тие претходни настапи таа процени дека скијала со интензитет од 80 проценти во минатата сабота, а го зголемила на 90 проценти еден ден подоцна, додека се подготвуваше за нејзиното враќање во Светскиот куп. И, иако е очекувано Вон да се чувствува нервозно додека тргнува од стартната порта, таа вели дека чувството е повеќе исчекување, пишува ФИС.
– Имам пеперутки од возбуда и тоа е забавно, го сакам тоа чувство. Ми се допаѓа да бидам на стартот и го сакам одбројувањето – рече Вон, пренесе ФИС. Н.М.


ЛИНДЗИ ВОН

Светски куп: 82 победи, трет резултат на сите времиња, зад Микаела Шифрин (САД, 99) и Ингемар Стенмарк (Шведска, 86), од тоа 43 во спуст и 28 победи во супервелеслалом, двата рекорда. Таа освои четири големи кристални глобуси за вкупна титула во Светскиот куп и 16 мали кристални глобуси за триумфи во дисциплини (осум во спуст, пет во супервелеслалом и три во алпска комбинација). Извозе 395 трки во Светскиот куп, од кои првата беше во слалом на 16 години, во 2000 година
Зимски олимписки игри: Златен медал во спуст и бронза во супервелеслалом во Ванкувер во 2010 година и во спуст во Пјонгчанг во 2018 година. Вкупно 14 трки на четири Игри (во Солт Лејк Сити во 2002 година, Торино во 2006-та, Ванкувер во 2010-та и во Пјонгчанг во 2018 година)
Светски првенства: Златен медал во спуст и во супервелеслалом и по три сребрени и бронзени медали, на вкупно 25 трки на осум светски првенства