Фото: „Нова Македонија“

Јавното обвинителство соопшти дека побара од МВР да распише потерница по Груби и Бајрами. За нив, Основниот кривичен суд определи мерка притвор од 30 дена. Груби и Бајрами моментално се недостапни за органите на прогонот…

Меѓународни потерници за поранешниот вицепремиер Артан Груби и за директорот на Државната лотарија, Перпарим Бајрами:

Министерството за внатрешни работи распиша меѓународни потерници за поранешниот вицепремиер Артан Груби и директорот на Државната лотарија, Перпарим Бајрами, кои се товарат за проневера на околу осум милиони евра од Државната лотарија.
Јавното обвинителство претходно соопшти дека ќе побара од МВР да распише потерница по Груби и Бајрами, на кои Основниот кривичен суд им определи мерка притвор од 30 дена, а кои моментално се недостапни за органите на прогонот.
Груби во неделата во објава на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека е во приватна посета на Косово и оти за тоа е известено неговото лично полициско обезбедување.
– Денеска патував за приватна посета. Ве молам, немојте да измислувате и шпекулирате. Редовно патував со моите патни исправи и за тоа е известено и моето лично полициско обезбедување – напиша Груби во објавата.
Премиерот Христијан Мицкоски во понеделникот, во гостување во емисијата „Клик плус“ на ТВ21, откри дека Груби со дипломатско возило, со еден стопанственик, заминал за Косово.
– Моите информации се дека поранешниот директор на Државната лотарија подолго време не е во земјава, додека поранешниот вицепремиер во текот на вчерашниот ден со еден стопанственик, со возило со дипломатски таблици, ја напуштил Македонија и се упатил кон нашиот северен сосед Косово – рече Мицкоски.
Според извори на дел од македонските медиуми, Груби ја напуштил државата со возило на Арсим Папранику, успешен бизнисмен во регионот и сопственик на „Нептун“. Почесниот конзул на Косово во земјава, Папранику, вчера бил на информативен разговор во полициската станица во Карпош.
Во врска со истрагата за проневера во Државната лотарија, осомничени се повеќе лица, меѓу кои поранешен премиер и прв вицепремиер, поранешен генерален секретар и државни службеници, како што информира на прес-конференција министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
– Постапено е по кривична пријава од 13 декември 2024 година од страна на Одделот за сузбивање организиран криминал и корупција, Сектор за криминалистички истраги и единица за корупција, против осум физички лица, од кои едниот е поранешен премиер, едниот е поранешен вицепремиер, едниот е поранешен директор на едно правно лице и едниот е поранешен генерален секретар, другите се државни службеници што работат во рамките на едно од правните лица. Во оваа фаза постои сомнение дека истите тие сториле повеќе кривични дела, кои на крајот имаат доведено до поголема штета на буџетот на македонските граѓани – истакна министерот Тошковски. Н.М.