КОШАРКА – НБА
На олстар-викендот ќе се игра мини-турнир
Кошаркарската НБА-лига направи револуционерна промена, според која, наместо еден олстар-дуел, ќе се игра мини-турнир. На олстар-викендот на 16 февруари в година во Сан Франциско првпат ќе учествуваат четири екипи, кои ќе одиграат две полуфиналиња и финале. Победник е тимот што прв ќе постигне 40 поени. На олстар-турнирот ќе има 24 играчи, поделени во три тима, избрани од аналитичари на НБА, по кои тимовите и ќе ги носат имињата: Кени Смит, Чарлс Баркли и Шекил О’Нил. Четвртиот тим ќе биде победникот на средбата „ѕвездите во подем“ помеѓу дебитантите во лигата и тие што играат втора сезона. Нивниот тим ќе го носи името на легендата на женската НБА-кошарка, Кендис Паркер.
Изборот на учесниците на олстар-турнирот останува непроменет, петте стартери од секоја конференција ќе бидат играчите што ќе добијат најмногу гласови од гледачите (50 отсто), играчите и од медиумите (по 25 отсто). Ќе има и седум резервни играчи во секоја конференција, избрани од тренерите во НБА-лигата. Екипите ќе ги предводат тренери од најдобрите тимови по конференции, заклучно со 2 февруари, а еден од нивните помошници ќе го предводи тимот на „ѕвездите во подем“. Наградниот фонд на турнирот е 1,8 милион долари, а секој играч од победничката екипа ќе биде побогат за 125.000 долари, поразените финалисти за 50.000 долари, а поразените полуфиналисти за 25.000 долари. Гласањето за олстар-турнирот трае од денеска до 20 јануари. Г.И.
КОШАРКА
Милвоки го освои Купот на НБА
Екипата на Милвоки триумфира во Купот на НБА, откако во финалето во Лас Вегас ја совлада Оклахома со 97-81. Притоа центарот Јанис Адетокубо имаше т.н. трипл-дабл ефект во славеничкиот тим со 26 поени, 19 скока и 10 асистенции, на кои додаде три блокади и две украдени топки. Демијан Лилард имаше 23 коша, по четири скока и асистенции, а Брук Лопез и Гери Трент Јуниор уфрлија по 13 поени. За овој успех секој играч на Милвоки ќе добие 514.971 долар, а членовите на поразениот тим по 205.988 долари. Финалето на Купот во НБА не се смета во вкупниот резултат за регуларниот дел од сезоната во НБА-лигата. Моментно Оклахома е водечки тим во Западната конференција со 20 победи и пет порази, а Милвоки е петти во Источната конференција со 14 победи и 11 порази. Ова е втора сезона на овој Куп, а лани титулата ја освои Лос Анџелес лејкерс. Г.И.