Фото: Пиксабеј

Автор: Милена Ѓорѓиевска, гинеколог
Постојат многу студии кои ја докажуваат важноста на исхраната на мајката во текот на бременоста и здравјето на фетусот. Хранливиот статус на фетусот најмногу зависи од внесот на хранливи материи на мајката и познато е дека недостаток на основните хранливи материи може да доведе до малформации и лоши здравствени состојби за мајката и за потомството. Во текот на бременоста, телото има потреба од дополнителни барања и потреби.Здравата и разновидна исхрана е најдобар начин на снабдување со доволно витамини и минерали потребни за раст на вашиот фетус, а истовремено ќе помогне во одржување на вашата здрава телесна тежина.
Популарниот мит дека „треба да јадете за двајца” додека сте бремени е сосема погрешен и неправилен. Наместо да „јадете за двајца”, обрнете внимание да јадете двојно поздраво.
Ако сте бремени со еден фетус, потребни ви се дополнителни 340 калории дневно, почнувајќи од вториот триместар ( и малку повеќе во третиот триместар). Тоа е приближно калориски внес на 1 чаша обезмастено млеко и половина сендвич.
Ако очекувате близнаци, треба да внесувате дополнително околу 600 калории дневно. Ако носите тројка, потребен е дополнителен внес на 900 калории дневно.
Употребата на суплементи е многу честа појава во бременоста. Истражувањата покажуваат дека употребата на мултивитамини (исклучувајќи ги они препарати што содржат само фолна киселина) се движи од 78-98% во различни групи во САД, Канада и Австралија. Со оглед на релативно високата инциденца на нутритивни недостатоци, намалена количина на хранливи материи во храната и поголем внес на преработена и процесирана храна, употребата на суплементи во бременоста може да биде корисна во некои случаи и да ги намали ризиците од несакани исходи.
Употребата на дополнителни суплементи во исхраната треба да е со претходно одобрување и консултација од страна на вашиот гинеколог, кој ја води вашата бременост.

Во текот на бременоста, се зголемува потребата за фолна киселина, железо, калциум, витамин Д, холин, омега-3 масни киселини, витамин Б, витамин Ц.

Фолната киселина (витамин Б9) е важна во текот на бременоста за правилен развој на мозокот и ‘рбетот на фетусот и превенира дефекти на невралната туба. Има студии кои покажуваат дека внесувањето на препорачаната дневна доза на фолна киселина во тек на бременоста го намалува ризикот и за прееклампсија, предвремено породување и мала родилна тежина (SGA). Кога сте бремени, потребно е да внесувате 600 микрограми фолна киселина дневно. Бидејќи е тешко да се добие толкава количина фолна киселина само од исхраната (житарки, леб и тестенини, темнозелен лиснат зеленчук, сок од портокал, грав, авокадо, леќа), треба да се зема пренатален витамин со најмалку 400 микрограми фолна киселина, почнувајќи најмалку 2-3 месеци пред бременоста и во тек на првите 12 недели од бременоста. Доколку во претходната бременост имало дефект на неврална туба, доколку вие или таткото на бебето имате лична или фамилијарна историја за дефект на невралната туба, доколку имате дијабетес, доколку земате терапија за епилепсија, доколку земате антиретровирусна терапија за ХИВ треба да земате 4 милиграми фолна киселина секој ден како додаток најмалку 3 месеци пред бременоста и за првите 3 месеци од бременоста.

Железото е потребно за црвените крвни клетки да го транспортираат кислородот до фетусот. Зголемената потреба за железо во текот на бременсота покрај со правилна исхрана ( грав, леќа, житарки збогатени со железо, говедско месо, мисирка, портокали, цитрон, јагоди, брокула, пиперки), може да се надоплони со внес на железо со пренаталните витамини. Со редовни контроли на крвната слика, со цел дијагностицирање на анемија, може да се утврди дали е потребна доплонителна антианемична терапија.

Калциумот е минерал потребен за изградбата на коските и забите на вашиот фетус. Млекото и другите млечни производи, како што се сирење и јогурт, се најдобри извори на калциум. Ако имате проблем со варењето на млечните производи, може да внесувате калциум од други производи како брокула, житарки, леб, сокови, бадеми, сусам, сардина, темнозелен лиснат зеленчук.

Витаминот Д, заедно со калциумот, учествува во развојот на коските и забите на фетусот. Овој витамин исто така е неопходен за здрава кожа и добар вид. Извори на витамин Д од храната се млеко и житарки за појадок, масна риба (лосос), рибино масло, жолчка од јајце.

Холинот е значаен во развојот на мозокот на вашиот фетус. Исто така, спречува настанување на некои вообичанеи вродени дефекти. Храна која содржи холин вклучува: пилешко месо, говедско месо, јајца, млеко, соја, кикирики. Иако телото само произведува холин, тоа количество не е доволно да се задоволат потребите во текот на бременоста.

Омега-3 масните киселини се вид на масти кои се наоѓаат во многу видови на риби. Тие се важни во развојот на мозокот пред и по раѓањето. Освен рибата други извори на омега-3 масни киселини се лененото семе, брокула, диња, грав, спанаќ, карфиол, ореви. Препорачано е внес на 1-2 порции риба неделно пред да забремените, додека сте бремени и додека доите. Особено треба да сте внимателни во изборот на риба, бидејќи истата содржи жива. Не се препорачува внес на голема туна, кралска скуша, ајкула, сабјарка.

Б витамините се група на витамини кои ги вклучуваат витамин Б1, Б2, Б6, Б9 и Б12. Тие се клучни хранливи материи за време на бременоста. Овие витамини даваат енергија, учествуваат во правилен развој на фетусот и подобар вид, помагаат во развојот на постелката. Покрај пренаталните витамини кои треба да содржат доволна количина на витамин Б, истите може да ги внесувате преку исхраната и тоа пилешко месо, свинско месо, банани, грав, житарки и леб од цели зрна.

Витаминот Ц е важен за здрав имунолошки систем. Исто така е вклучен во изгрдбата на здрави, силни коски и мускули. Истиот се наоѓа во многу овошја и зеленчуци кои треба да се внесуваат во текот на бременоста ( цитруси, сокови, јагоди, рибизли, брокула, зелје, домати).
Не треба да се изостави и доволен внес на вода во текот на денот, од 8 до 12 чаши дневно.