Првичните реакции во македонската јавност по акциите за сузбивање на криминалот и корупцијата се позитивни, со надеж дека надлежните ќе почнат да ги процесираат случаите и дека ќе следуваат соодветна судска разврска и предвидена казна доколку се докаже криминал. Она што наидува на позитивен одглас во јавноста е и пристапот, односно сега од полициските акции и приведувањата не се прави театар пред камери, туку се постапува со целосно почитување на пресумцијата на невиност, а предметите се формираат врз основа на внимателно собрани докази. Направен е забележителен почеток на зајакнување на институционалниот капацитет, но заокружувањето на процедурите и целиот кривичноправен процес низ целосно неселективен и транспарентен процес би било заокружување во целина, која ќе биде забележана како ново ниво на функционална држава
Институционални реакции втемелени на закони се здрав исчекор кон владеење на правото и правната држава
Последните полициски акции во државата го разбудија вниманието кај македонската јавност, која со право очекува надлежните институции да започнат сериозна пресметка со криминалот и корупцијата и на тој начин да создадат услови за напредок и просперитет на земјата, во насока на нејзина побрза интеграција во Европската Унија.
Впрочем, она што Унијата и стратегискиот партнер САД го очекуваат од македонските власти, тоа е да почне функционирањето на правната држава и преку неселективен пристап да се пресечат краците на криминалните и коруптивни елементи што со години го држат во заложништво целото македонско општество.
Во тој контекст се и полициските акции што деновиве се случуваа во Скопје, при што во координација меѓу обвинителството, полицијата и други институции беа приведени повеќе лица и беа поднесени кривични пријави по неколку основи, при што во периодот што следува се очекува овие предмети да добијат и правна разврска. На тој начин државата ќе демонстрира владеење на правото и ќе испрати јасна порака со сите дека има служби што се грижат за нејзината безбедност, дека повеќе никому нема да му се исплати криминалот, но и дека нема недопирливи функционери, кои благодарение на корумпираниот систем со години правеа што сакаа, а притоа поминуваа неказнето.
Активностите на полицијата изминатите неколку дена беа насочени во три акции, при што во една акција беше разбиена терористичка ќелија што се заканувала со напади во земјава и во регионот, во втората полициска акција беше нанесен удар врз криминалното подземје во земјава, кое изминатите неколку години вршеше убиства, насилства и друг вид криминали, додека во третата полициска акција беа преземени дејства против поранешни државни функционери осомничени за коруптивни активности во времето кога биле на власт. С.Т.
1. Разбиена терористичка ќелија поврзана со идеологијата на ИСИЛ
Во првата полициска акција била откриена терористичка група што била формирана од четири лица, кои ги ширеле идеите на ИСИЛ, а намерата им била да извршат терористички напади врз цивилни цели и јавни објекти. На оваа група ѝ се приклучиле и други непознати лица, кои биле вклучени во плановите за напади.
Според министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, Секторот за борба против тероризам на 15 декември до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против четири лица од Гостивар и од Струга, за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело терористичка организација од чл. 394-а од КЗ.
– Првопријавениот на почетокот на 2024 година создал терористичко-злосторничка организација, во која членуваат и другите лица, како и уште неколку засега непознати лица. Сите заедно формирале терористичка организација, ќелија со основи на идеолошката матрица на познатата терористичка организација ИСИС, со намера за изведување терористички акт на цивилни или т.н. меки цели, односно јавни објекти на територијата на Република Северна Македонија. Првоосомничениот во почетокот на 2024 година формирал повеќе групи на социјалната мрежа Телеграм, каде што искажувал целосна подготвеност и намера за извршување терористички напад, како и поттикнување други лица за извршување терористички напади во Европа. Во групите споделувал претходно набавен и преработен – преведен пропаганден материјал на ИСИС, регрутирајќи нови членови, правејќи обиди за набавка на огнено оружје, како и споделувајќи упатства за изработка на импровизирани експлозивни направи што потоа ќе бидат искористени за извршување терористички напади – објасни Тошковски.
Одговарајќи на новинарски прашања, министерот изјави дека нивната интенција била да им нанесат болка на Македонија и на македонските граѓани.
– Имаме голем број докази за тоа и тие лица се во притвор. И во иднина јасно, прецизно и соодветно ќе одговориме на сите други што ќе се обидат на ваков начин да влезат во одредени терористички организации, кои ќе сакаат да им нанесат болка како на македонските граѓани така и на кои било други граѓани во која било држава. Има основани сомненија дека сакале да дејствуваат не само во Македонија туку и надвор од Македонија – рече Тошковски.
Јавниот обвинител на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд-Скопје предложи на осомничените да им биде определена мерка притвор во траење од 30 дена.
2. Ставање крај на пресметките на криминалните банди низ Скопје
Во одвоена полициска акција е сузбиена 18-члена организирана криминална група, која извршувала убиства и изнуди, а е поврзана и со палењето на автомобилите на вработени во затворската полиција.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека и во следните денови ќе продолжат претреси на повеќе локации, а веќе е поднесена кривична пријава против 18 лица за сторени повеќе кривични дела, меѓу кои убиство, убиство во обид, кои се извршени во последните две-три години, а меѓу кои познато за јавноста е во „Шише бар“, кое предизвика голема вознемиреност кај македонската јавност, а поднесена е и кривична пријава за изнуда, предизвикување општа опасност и злосторничко здружување.
– Во текот на 2020 година некои од пријавените создале група, која имала за цел вршење кривични дела убиство. Организаторите на оваа криминална група подготвувале планови и носеле одлуки за тоа кој, кога, каде и на каков начин ќе биде лишен од живот, а одлуките ги спроведувале лично или преку припадници на криминалната група, кои ги прифаќале и спроведувале – образложи Тошковски.
Тој појасни дека во текот на 2021 година пет лица создале и група за извршување убиства, која се приклучила кон оваа група, прифаќајќи го планот за лишување лица од други организирани групи, како и на лишување лица поради одмазда.
Министерот за внатрешни работи уште истакна дека групата била организирана и секое од лицата имало задачи. Во 2023 година три лица од осомничените формирале и група за изнуда, кои на насилен начин, со сериозни закани изнудувале пари од менаџери и сопственици, а дел од криминалната група бил задолжен и за опожарување објекти и автомобили. Секој од нив имал задачи во делот на планирање, упатување закани, како и земање пари, за наводно обезбедување објекти, меѓу кои и на спортски обложувачници. Оваа криминална група опожарила пет спортски обложувачници и една сендвичарница. Оваа група се поврзува и со опожарување на возилата на вработени на затворската полиција. Министерот за внатрешни работи Тошковски истакна дека со оваа истрага најмалку седум убиства се расветлени, а посочи дека акцијата покажала дека има и нечесни полицајци, кои му помогнале на еден од осомничените на 10 минути пред да влезе полицијата во објектот да излезе од него. Тој порача дека заврши времето на криминалот. С.Т.
3. Удар врз корумпираните функционери
Третата акција спроведена од страна на полицијата, а во координација со Јавното обвинителство, е во насока на откривање сторен криминал во Државна лотарија, при што сериозно е оштетен државниот буџет. Во случајот се инволвирани неколку лица, меѓу кои дел од истрагата се и поранешен прв вицепремиер, поранешен директор на едно правно лице, поранешен премиер, како и поранешен генерален секретар.
– Постапено е по кривична пријава од 13.12.2024 година од страна на Одделот за сузбивање организиран криминал и корупција, Сектор за криминалистички истраги и единица за корупција, против осум физички лица, од кои едниот е поранешен премиер, едниот е поранешен вицепремиер, едниот е поранешен директор на едно правно лице и едниот е поранешен генерален секретар, другите се државни службеници што работат во рамките на едно од правните лица. Во оваа фаза постои сомнение дека истите сториле повеќе кривични дела, коишто на крајот имаат доведено до поголема штета на буџетот на македонските граѓани – рече министерот Тошковски.
Две од овие лица што се опфатени со истрагата се на Косово, а министерот Тошковски упати јавен повик до нив да се вратат во земјата и преку институционален пат да ја докажат својата невиност.
Министерот уште појасни дека при претресите кај еден од нив се пронајдени парични средства во износ од околу 40.000 евра, а кај второосомничениот околу 20.000 евра. С.Т.