БИБЛИСКОТО ИМЕ НА СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ (6)
И уште за „Климент од Филипи!
Моето мислење е дека поради римското влијание овде, за време на Римската Империја, како и големата македонска слобода кон имињата, а Македонија има приврзаност кон своите имиња како своја традиција, ова име го имало кај Македонците и го има, а не се споменува кај Елините и отстапува од традиционалните грчки имиња.
А особено по свети Климент Охридски, пак, ова име најмногу го има во Македонија и во Бугарија, а оприсутнето е и во другите земји од словенското јазично подрачје, иако го има и кај западните народи како римско влијание, но помалку.
Според Светото предание, пак, на кое се повикуваат светите отци и учителите на Црквата: Ориген, Епифаниј, Ероним и Зигабен, како и историчарот Евсевиј Кесариски, овој Климент од Филипи го изедначуваат со Климент, епископот Римски, иако нема сигурни, точни и потврдени податоци за тоа.
Другите, пак, мислат дека е тоа посебна личност од Филипи и верен соработник на апостолот Павле, со особени заслуги за развојот на Црквата во Филипи. Ова становиште е прифатливо за точно и соодветствува на библискиот текст, но досега малку е посветено внимание на него во егзегезата и библиската мисла.
Најголемите, пак, толкувачи на Светото писмо, за жал, го одбегнале објаснувањето на ова име и личност и не кажале баш ништо за него. Просто го одминале стихот. Така направил дури и најголемиот егзегет свети Јован Златоуст, кој ја протолкувал целата Библија, па и Посланието до Филипјаните, но воопшто не се задржал на овој стих и на оваа личност и не дел никакво објаснување и толкување. Едноставно, ги прескокнал текстот и стихот. Оттаму, останува задачата за во иднина да се обрне повеќе внимание на овој библиски текст и на оваа библиска личност.
Некои од современите егзегети на Запад, пак, мислат дека Климент од Филипи бил роднина на императорот Домицијан и наводно тој е римскиот конзул Titus Flavius Clemens, – вели Gnilka, што е апсолутно неможно и неточно – неповрзано.
А некои други библисти, како Michaelis, што посветиле повеќе должно внимание и проучување на овој текст, споредување и усогласување со библиските настани и личности, велат дури и дека овој Климент од Филипи е првопокрстениот маж во Македонија, после Лидија, а тоа е чуварот на затворот, којшто бил очевидец на чудото во затворот, кога се случил потрес и вратите се отвориле, затворениците биле на слобода, па тој – од страв и одговорност, сакал да се убие, но апостол Павле го смирил, а тој исплашено прашал: „Што треба да направам, па да се спасам?“ (Дела 16,30). „А тие му одговорија: ’Поверувај во Господа Исуса Христа, и ќе се спасиш ти и целиот твој дом!‘ “ (Дела 16,31). Потоа, апостолите отишле кај него дома и „се покрсти тој сам и сите негови домашни“, се вели во Библијата (Дела 16,33).
Засега, толку знаеме за овој свет маж, спомнат во Библијата каде што е запишано неговото име. Нам ни претстои задача да се проучува и понатаму Светото писмо и толкувањата, како и записите во Светото предание, низ делата на светите отци од ранохристијанскиот период. Врз основа, пак, на овие сегашни наши истражувања, сведоштва, споредби, ставови и факти од Светото писмо и Светото предание, се темелат двете очигледни мислења:
– дека библиски спомнатиот „Климент“ е значајна личност од Црквата во Филипи;
– и е нејзиниот втор епископ, по апостолот Лука, односно, тој е првиот оттука домороден епископ на Првата црква во Македонија, формирана од апостол Павле, а прва и во Европа!
Има претпоставки и дека Климент од Филипи е истиот свети Климент Римски којшто бил епископ и во Сердика (Софија) и дека тој е истата личност, но овие гледишта не се во согласност со хагиографските текстови и не го потврдуваат ова становиште за вистинито.
Напротив, Житието на свети Климент Римски сведочи за неговото потекло од Рим, а не од Филипи. Авва Јустин Поповиќ во Житијата запишал дека свети Климент Римски е роден во Рим, од благородничко семејство при царскиот род на императорите Август и Тибериј. Таму пораснал и таму се школувал, изучувајќи ги филозофските науки, а кога чул за Христа, отишол во Јудеја да дознае подробно и за Него.
Таму се сретнал со свети апостол Петар којшто го крстил Климента и тој станал негов неразделен ученик и соработник, а потоа и наследник на епископскиот престол во Рим, сè до страданијата, мачеништвото и смртта од императорот Трајан – гонител на христијаните.
Најпосле, ќе речеме дека свети Климент Римски не е библискиот Климент од Филипи, туку се двајца свети апостолски наследници: едниот на Петар во Рим, а другиот на Павле во Филипи. И двајцата истоимени Климентовци рамноапостолно ги шират Евангелието и христијанството во првите центри:
– едниот во Филипи – Првата црква во Европа што ја основал апостол Павле, доаѓајќи најпрво во Македонија – со апостолско првенство;
– а другиот во Рим – Првата црква во империјата и првопрестолна.
Затоа, некои го поврзуваат Климент од Филипи со Климент епископот на Рим, но други, пак, мислат дека тоа не може да биде така!
Но, и Климент од Филипи бил епископ. Каде?
Климент – Епископ на Првата црква во Македонија
Велиме вака, затоа што има многу житијни податоци што се противат на мислењето дека свети Климент Римски е оној Климент од Филипи, туку велат дека Римскиот епископ Климент е Римјанин, а не од Филипи.
Тогаш, го застапуваме мислењето дека библискиот Климент од Филипи е Павлов сотрудник и значајна личност во Првата црква во Македонија – од Црквата во Филипи, чиј епископ бил Климент, по Лука, затоа што Лука отишол со апостол Павле, бидејќи бил повеќе потребен со него отколку во Филипи, каде што Црквата растела и се развивала добро со Климента.
Еден од 70-те апостоли Христови
Секоја Црква сака да се поврзе со апостолите и да покаже апостолска основа на своето постоење, а секако, пак, сите се апостолски поврзани со апостолското преемство на благодатта Божја од Господа Исуса Христа преку апостолите до денес. Тие, пак, што немаат директен апостолски почеток, се трудат барем да се доближат до апостолскиот период.
За Црквата во Македонија е јасен и библиски е посведочен фактот дека е основана од апостол Павле. Во таа апостолска мисија во Македонија биле и апостолите Сила, Тимотеј, Лука и нивните соработници од Филипи, Солун и Берија, чии имиња се запишани во Библијата, меѓу кои е и Климент од Филипи. А има и уште многу други што не се запишани во Библијата, но се во Книгата на животот.
Свети Климент од Филипи се вбројува во 70-те ученици на Господ Исус Христос, – наречени 70-ет апостоли. Тие се именуваат така со едно општо име, но не значи дека се точно 70 апостоли Господови, соработници на апостолите – туку се повеќе.
Ако се бројат само оние за кои има сигурни податоци, тогаш нема ни седумдесетмина, но ако се впишат и сите што во житијата се споменуваат како апостоли од 70-те, тогаш се и повеќе, што е поприфатливо, бидејќи тешко се доаѓа до податоци за толку далечни времиња.
Седумдесетте апостоли имаат заеднички празник на 17/4 јануари, а секој има и свој посебен празник.
продолжува