Фото: ЕПА

Тејлор Свифт го одбележа годинешниот, 31. Избор на Билборд музички награди за најдобрите и најслушаните изведувачи, албуми, песни, продуценти и автори. Американската пејачка и текстописец на синоќешното доделување доби 10 награди, од 17 номинирани категории, со што влезе во историјата со вкупно 49 освоени награди, вклучувајќи ги и оние за најдобар изведувач воопшто, најдобар женски изведувач, најслушан уметник и најдобар албум на „Билборд 200“ листата, за „Tortured Poets Department“.

Зад неа се Зек Брајан со пет награди и Морган Вејлен со четири, додека Шабузи, Бад Бани, Дрејк и Елеејшн Воршп имаа по три.

Чапел Роуан беше прогласена за најдобар нов изведувач, а Бијонсе ја освои наградата за најдобар кантри изведувач по нејзиниот деби албум во жанрот.

„Билборд“ е американски неделник посветен на музиката во светот. Списанието е основано во Синсинати, САД, 1894 година и се смета за еден од најрелевантните и најнепристрасни извори на новости за забавната музика. Во таа смисла се издвојува „Билборд хот 100“ топ-листата на 100 најслушани песни – без разлика на жанрот, а пак „Билборд 200“ е можеби најверодостојниот показател за продажбата на албуми.