Повеќе од 90 студенти со свои научни трудови учествуваат на шестата Студентска конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој (СКЕЕОР), која се одржува на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје (ФЕИТ).
– Сметаме дека е од исклучителна важност да се организира настан чија целна група се студентите, кои како академски граѓани ќе имаат водечки улоги во областа на енергетиката, енергетската ефикасност и одржливиот развој, актуелни полиња со непроценливи можности. Самата конференција има научен и едукативен карактер, со што студентите ги продлабочуваат своите знаења во областите од нивен интерес, и тоа соработувајќи со најдобрите стручни лица во соодветните теми на фокус – истакна Ангела Најдоска, претседателка на Здружението за истражување и промоција на енергетската ефикасност и одржливиот развој (СКЕЕОР).
В четврток пред студентите ќе се обратат двајца израелски експерти. Професорот Абрахам Крибус од универзитетот „Тел Авив“, од департманот за обновлива енергија ќе држи теоретско предавање, а Јаир Енгел ќе работи директно со студентите за да ги трансферираат нивните идеи во бизнис-модели. На отворањето на конференцијата, деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски рече дека пред неколку години ја реновирале фасадата во енергетски ефикасна, инсталирале систем за мониторирање на потрошувачката на електрична енергија, а на ФЕИТ во функција се две фотоволтаични централи, со вкупна моќност од 22 KW. Професорката Маргарита Гиновска, координаторка на конференцијата, истакна дека меѓу студентите има учесници од Колумбија, Словенија, Израел, Србија и од Бугарија, со свои научни трудови и повеќе од 10 пленарни предавања на реномирани професори и претставници на компании.
Цел на конференцијата е да се разменат идеи и мислења меѓу студентите, професорите и претставниците од енергетските компании, со што се прави чекор напред кон решавање дел од проблемите од областа на енергетската ефикасност и одржливиот развој. Ќе се одржи и хакатон во просториите на ИНОФЕИТ, посветен на развивање на идеите на студентите во насока на остварување успешни бизнис-модели и планови, во соработка со професори, директори од влијателни компании и личности од бизнис-секторот.