Денес СДСМ станува… порано… така барем планира. Уште не е станат, ама тоа е планот, оти кој станува порано, тој нешто граба, така? Не. Денес СДСМ станува порано, одлука донесена вчера, а веќе утре… не, утре… денес… денес СДСМ станува порано, сеедно што вообичаено доцна легнува и потоа се успива… не…
Русјаков, добро си?
Полека де, штимам глаголи, именки, сврзници, придавки…
Денес, кога СДСМ станува… пионер… глупости! Стани СДСМ, да те види… хм, кој? Денес СДСМ станува… сериозен(?)… на нозе(?)… ВМРО(?)… Да, да!!! Денес СДСМ станува ВМРО и Левица поаѓа на десно, а мене не ми се пишува колумна, оти меѓу редови ми станува тесно.
Па, ослаби бе, Русјаков!
А бе, лесно е да се рече, ослаби, ама што да правам кога сум обременет со тешки зборови. Ѝ тежат тие зборови на душава како што јас ѝ тежам на вагата… еј, знаете што ми текна? Во одреден период жената влегува во климакс, а од мажот излегува стомак… отприлика на исти години им се случува тоа, иако честопати кај мажот тоа попрво станува…, да, денес, СДСМ станува… аман! Стомак, да…. тоа ми беше муабетот…. не може да ми го свари стомакот она што умот го прима како информација, сеедно што логиката пробува да му го изџвака, а свеста му го сервира со многу грижа и концентрација, не бе, стомаков не сака ни да чуе да ја свари таа приказна, оти толку „огуглал“ од „гуглање“ на стварноста што му се прди за неа.
А се случува гротеска што просто вреска колку не сака да биде раскажана. Сепак, деталите отприлика се одвиваа вака. Трамп победи на избори. Бајден се сети… хм, крајно сомнително… на Бајден му рекоа да се сети дека Украина треба да ја гаѓа Русија со некои „мадафака“ западни ракети. Русија рече дека ќе возврати. Зеленски гаѓаше. Путин одговори. Фрлија некое чудо што личи на комета, а се вика како имот на каде што зајавал главниот јунак, оној меланхоличен гроф од ненапишаниот роман на Лермонтов и… и тоа страшно чудо падна таму некаде во Украина, па сите страшно се зачудија, оти немаа видено досега таква зачудувачка стравотија и Володимир наеднаш се сети дека веќе не сака да се тепа со Владимир, побара крај на војната, ама Западот му рече јок, не може, што е крајно прекрасно, мора да признаете, бидејќи останаа само половина живи Украинци, кои треба да се истребат. Мислам, крајно е глупо да се прекинува нешто во кое толку многу се вложило, макар тоа било и војна. Исто како да сте вложиле тешки пари да направите филмски блокбастер и одеднаш ја прекинувате продукцијата. Не оди така, сеедно што во украинскиов филм статистите и каскадерите вистински умираат.
Но, за да разбереме што навистина се случува, потребно е да видиме како започна сето тоа. Да, на почеток… на почеток Бог ги создаде Меркел и Заев. Неколку мига збунето гледаше во нив, а потоа им рече: Еве ви ја рајската градина, сè што има тука, ваше е, ама немојте… немојте да јадете бабури! И ги остави. Меркел и Заев послушаа. Токму тоа и беше проблемот. Не помина долго време, а цела една рајска градина дотрча кај својот Творец и почна да го моли велејќи му: Или создај некои други двајца или овие протерај ги, а ако веќе ги оставаш, мене протерај ме, оти не дај боже, утре ќе завршам во нечии мемоари.
Русјаков, добар си?
Не сум. Нема ни да бидам. Тука е време да се откажете од читање. Одиме понатаму. Светски познатата филмска глумица Ангела Меркел го смести во своите мемоари статистот со задача Зоран Заев. Нема да зборуваме за статистот, оти ќе треба да се занимаваме со тешка езотерија и урбана алхемија низ која протрча шуто и рогато од интелектуалната бижутерија восхитена од откритието дека рибата смрди од опашката, а сидрото го влече бродот кон пристаништето на светлината. Вниманието ќе го завртиме кон филмската дива.
Само ќе напоменам дека на крајот од својата блескава кариера мадам Меркел имаше улога и во нашиот театар на апсурдот и сите ние до крајот на животот ќе паметиме како фасцинантно ја одигра ролјата на сериозна политичарка, која нè убедува да си ја смениме суштината за да се напикаме во формата што инсистира деформирани да влеземе во неа, знам дека ова звучи еротски, ама кај нас жанрот беше хорор-комедија и потоа следуваше кулминацијата, катарзата на нејзината актерска изведба, оти видовме нестварно добра трансформација во која сериозната политичарка станува обична маалска манипулаторка, која трча наоколу, па лаже, трачари и озборува.
Сепак, нејзина животна улога е онаа во дводелната воена драма „Минск 1“ и „Минск 2“. И тука мадам Меркел глуми сериозна политичарка. Тоа е вообичаено во светот на глумата, на некои глумци едноставно им лежат улоги, како Џејмс Бонд на Шон Конери, Итан Хант на Том Круз или различни мафијаши на Роберт де Ниро.
Така и мадам Меркел фасцинантно одигра една од главните улоги во гореспоменатите два дела на воената драма, а за својата ролја и самата јавно се искажа. За оние што подзаборавиле, нејзиниот лик заедно со ликот на францускиот претседател, во дослух со битни ликови на политичари од Белата куќа, го лажат ликот на рускиот претседател, мачкајќи му очи со потпишување два мировни договори за прекин на граѓанска војна во Украина, а всушност зад грб му прават гадна дубара, спремајќи го украинскиот народ да војува во невозможна мисија без Итан Хант во приказната. Откако истиот тој народ ќе го внесат во касапница и морбидна економска сторија каде што им продаваат оружје на обучените да бидат жртвувани, нема да дозволат прекин на војната, ќе забранат излез од неа, сеедно што луѓето полека сфаќаат дека се дел од брутална сценаристичка фарса во која за нив не е планиран хепиенд.
А што убаво на почетокот си ги штимав зборовите, требаше да си останам на таа бесмислена бучава, оти знаев, штом се наштимам, на крајот мене ќе ми се снеарни од композицијата. Како и да е, Меркел ќе си продава мемоари за лагата што ја има сета СЛОБОДА да се чувствува како вистина, наш Зоки ќе си ѕенѕа на Харис Џиновиќ и меѓу редови кај фрау Ангела, додека ние се труеме со плодовите од нивата од која го црпнаа таквите како Меркелица, а јас се надевам дека „кометата“ што летна од Русија и падна во Украина ќе биде прва и последна и дека со неа практично ќе почне крајот на војната што ја исценираа спремните да се „борат“ за украинската земја до последниот Украинец, за потоа да ја земат истата, плодна, ама без оние што ја поседуваа.