За упатените во црковниот процес за целосно признавање на МПЦ-ОА, како рамноправна црква во светот на православното христијанство, забележливо е тенденциозното именување на Македонската црква од страна на БПЦ како Православна црква на Северна Македонија, а македонскиот архиепископ г.г. Стефан како северномакедонски архиепископ, што повторно е видливо во писмото со сочувство поради смртта на митрополитот г. Тимотеј испратено од бугарскиот патријарх г.г. Даниил
И упокојувањето на митрополитот на Македонската православна црква, Тимотеј, искористено за нова провокација од Софија
До Македонска православна црква-Охридска архиепископија и Јустинијана Прима, како и до архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан пристигнаа голем број телеграми со сочувство поради смртта на митрополитот дебарско-кичевски господин Тимотеј, кој вчера беше погребан на Плаошник во Охрид, во јужната апсида на храмот „Свети Пантелејмон“. Сочувство изрази македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова, како и рускиот патријарх г.г. Кирил, српскиот патријарх Порфириј и бугарскиот патријарх г.г. Даниил, при што упокојувањето на митрополитот Тимотеј на бугарскиот патријарх му послужи како нова можност за омаловажување на МПЦ-ОА. Тој во своето писмо со сочувство до македонскиот архиепископ г.г. Стефан, покрај зборовите на уважување, почит и утеха за упокоениот митрополит г. Тимотеј, пишува и: „Во овие тешки моменти за Вас и за целата Православна црква на Северна Македонија, изразуваме искрено сочувство за оваа привремена разделба со нашиот упокоен собрат“. Претходно, во писмото со сочувство од патријархот Даниил, архиепископот на МПЦ-ОА се именува како неговото блаженство северномакедонскиот архиепископ Стефан.
За упатените во црковниот процес за целосно признавање на МПЦ-ОА, како рамноправна црква во светот на православното христијанство, забележливо е тенденциозното именување на Македонската црква од страна на БПЦ како Православна црква на Северна Македонија, а архиепископот г.г. Стефан, како северномакедонски архиепископ, што повторно е видливо во писмото со сочувство поради смртта на митрополитот г. Тимотеј испратено од бугарскиот патријарх г.г. Даниил.
Претходно Светиот синод на Бугарската православна црква-Бугарска патријаршија ја призна Македонската православна црква-Охридска архиепископија, но во признавањето МПЦ-ОА беше именувана како Православната црква на Северна Македонија, со акцентирање дека прашањето за името на МПЦ ќе биде дополнително разгледано.
Писмото со сочувство на бугарскиот патријарх г.г. Даниил е уште една потврда дека бугарските црковни кругови и понатаму ги негираат корените на Македонската православна црква (МПЦ). Добро упатени во оваа проблематика нагласуваат дека овој став на Бугарската православна црква (БПЦ) ги оптоварува односите помеѓу двете цркви и предизвикува духовен раздор.
– Синодот на Бугарската православна црква треба да покаже разумност и да подаде рака кон МПЦ-ОА, односно да го признае духовното наследство на МПЦ преку Охридската архиепископија и Јустинијана Прима. Очигледно е дека со изборот на Данаил Видински за бугарски патријарх не дојде до промена во Бугарската православна црква – велат нашите соговорници.
При погребната церемонија на митрополитот Тимотеј, светата литургија во црквата „Света Софија“ беше предводена од архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, со сослужение на епархиските архијереи на Македонската православна црква-Охридска архиепископија и Јустинијана Прима, како и претставници од други помесни православни цркви. Претходно посмртните останки на митрополитот Тимотеј на проштално збогум беа изложени во храмот „Свети Пантелејмон“ на Плаошник. Д.Ст.