Фото: „Нова Македонија“

Во пресрет на објавувањето на новогодишната потрошувачка кошничка

Месото, сувомесните и млечните производи што се најбарани во празничниот период се очекува да се најдат во новогодишната потрошувачка кошничка што ја подготвува Министерството за економија и труд во консултации со стопанските комори, синдикатите и Асоцијацијата за заштита на потрошувачите. Новогодишната кошничка, со која ќе бидат опфатени околу 600 производи, се очекува да биде објавена на крајот на идната недела, според најавите од министерот за економија Бесир Дурмиши.
– Постојано сме во контакт со стопанските комори, синдикалците, трговците и производителите. Идната недела ќе бидете известени. При крај е со подготовката за новогодишната кошничка, предвидени се над 600 производи што ќе ги опфати оваа мерка, но повеќе детали ќе ви дадеме идната недела, оти предвидено е некаде в четврток или петок да ја објавиме кошничката – посочи Дурмиши.
Воведувањето потрошувачки кошнички за најголемите празници, според заменик-министерот за економија Марјан Ристески, има цел да ги стабилизира цените на основните прехранбени производи, како и да не дозволи зголемување на инфлацијата.
– Имавме поопсежни консултации со повеќе фактори што влијаат на крајната цена на производите битна за потрошувачите, тоа е бизнис-секторот, преку стопанските комори, имавме состаноци и со синдикатите и со Организацијата за заштита на потрошувачите. Со една многу добро, внимателно подготвена анализа ќе излеземе за новогодишната кошничка за брзо време. Се надевам дека ќе имаме над 500 производи што ќе бидат опфатени со намалување на цените, односно повеќе групи на производи. Ќе има и некои различни производи од есенската потрошувачка кошничка. За граѓаните најбитно е што ќе бидат опфатени производи што се најзастапени на трпезата за Нова година и за празниците околу Нова година – изјави претходно Ристески.
Министерството за економија и труд ја следи примената на Законот за нефер трговски практики, при што се потпишани договори со маркетите. Претходно, беше донесена есенска потрошувачка кошничка, која траеше до 31 октомври, а во која беа опфатени околу 70 производи на кои им беа ограничени профитните маржи. Е.Р.