Фото: ЕПА

ШАХ – МЕЧ ЗА ТИТУЛАТА СВЕТСКИ ПРВАК

Индискиот велемајстор (ВМ) Домарају Гукеш (2.783 рејтинг-поени) по почетниот пораз ја забележа својата прва победа на дуелот со светскиот шампион, Кинезот Динг Лирен (2.728), и го израмни резултатот на 1,5-1,5 по третата партија, од предвидените 14 во мечот за светски шаховски првак, кој се игра во Сингапур. Лирен се предаде во 37-от потег поради недостиг од време, а тоа беше првата победа на Гукеш на меч со Лирен во класичен шах, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ).
– Се чувствувам добро. Изминативе два дена бев презадоволен од мојата игра и денеска успеав да го надиграм противникот – рече Гукеш на прес-конференцијата по партијата.
Се играат вкупно 14 партии, а шахистот што ќе освои 7,5 поени или повеќе ќе биде победник на натпреварот. Играчите вчера го имаа првиот слободен ден за одмор. Моментниот резултат е нерешен, а Лирен денеска ќе ги има белите фигури. Г.И.