Од материјалите што ги видовме досега, тимот е технички добро подготвен, знаат што сакаат, добро трчаат и имаат сличен стил на игра како и нашиот, вели тренерот Лазаров, пред натпреварите денеска и утре со Вест Виена во Скопје, за пласман во осминафиналето на Европскиот куп
РАКОМЕТ – ЕВРОПСКИ КУП, ДВОМЕЧ АЛКАЛОИД – ВЕСТ ВИЕНА
Ракометарите на Алкалоид денеска и утре со почеток во 19 часот, на свој терен во салата „Автокоманда“ во Скопје, ќе ги одиграат двата натпревара со австрискиот претставник Вест Виена, во третото коло од Европскиот куп на Европската ракометна федерација (ЕХФ). Македонскиот претставник, предводен од тренерот Кирил Лазаров, влегува како фаворит во овој двомеч, од кој вкупниот победник по двете средби ќе настапи во осминафиналето на Европскиот куп.
– Вест Виена е клуб за кој може да се рече дека е државен проект. Незгодна екипа иако се потпира на млади играчи и ја претставува речиси целата младинска австриска репрезентација. Од материјалите што ги видовме досега, тимот е технички добро подготвен, знаат што сакаат, добро трчаат и имаат сличен стил на игра како и нашиот. Се надевам дека навивачите ќе бидат сведоци на две наши победи. Нашиот здравствен биланс е солиден, ќе ги имам повеќето играчи на располагање, со исклучок на повредените Дамјан Митев и Никола Костески. Неблагодарно е да се прават споредби, особено што Австријците ги имаме гледано само на видеоматеријал, но мислам дека Литванците од претходното коло, сепак, се за нијанса подобар клуб од Вест Виена – рече Лазаров на прес-конференцијата во пресрет на овој двомеч во Скопје.
Лазаров се осврна и на понатамошниот концепт на развој на РК Алкалоид.
– Алкалоид оди по свој пат, ќе настојува да ја искористи секоја шанса што ќе му се укаже, но со огромно мнозинство на македонски ракометари. Верувам дека овој тим, кој е преполн со талентирани македонски играчи, може уште повеќе да напредува и да се вмеша во борбата за трофеи – рече Лазаров. Г.И.