Светиот Синод на Украинската православна црква ќе се состане на 15 декември за да прогласи автокефалност и да избере патријарх, најави денеска украинскиот претседател Петро Порошенко, пренесува Ројтерс.
Порошенко најави дека Синодот ќе заседава во црквата Света Софија, која со векови е центар на православието во Украина.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека поделбата меѓу православните цркви по одлуката на Цариградската патријаршија да ја признае автокефалноста на украинската православна црква, ќе предизвика „сериозни последици“.
– Сакам да нагласам една работа: политизацијата во толку чувствително подрачје секогаш повлекува најтешки последици, пред сè за тие кои го прават тоа – рече Путин на форум на претставници на руската дијаспора во Москва.
Православните христијани во Украина се поделени, односно еден дел се под јурисдикција на Московската патријаршија, а друг дел на Киевската патријаршија, која прогласи автокефалност по независноста на земјата во 1992 година и до сега не беше призната од ниту една православна црква во светот.