Дискусиите на Западот за вооружување на Украина со нуклеарно оружје се „апсолутно неодговорни“, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, како одговор на извештајот на Њујорк Тајмс кој цитираше неименувани функционери кои споменале таква можност.
„Њујорк тајмс“ минатата недела објави дека некои неименувани западни функционери навестиле дека американскиот претседател Џо Бајден би можел да и даде нуклеарно оружје на Украина пред да ја напушти функцијата.
– Неколку официјални лица навестија дека Бајден би можел да и го врати нуклеарното оружје на Украина, кое и е одземено по распадот на СССР. Тоа веднаш би било огромен начин на одвраќање. Но, таков чекор би бил комплициран и би имал сериозни импликации – напиша весникот.
На прашањето за тој извештај, Песков на новинарите им рече дека тоа е „апсолутно неодговорен аргумент на луѓе кои слабо ја разбираат реалноста и не чувствуваат ни трошка одговорност кога даваат такви изјави“, додавајќи дека може да се забележи и дека „сите овие изјави се анонимни“.
Украина наследи нуклеарно оружје од Советскиот Сојуз по неговиот распад во 1991 година, но го врати според договорот од 1994 година, таканаречениот Меморандум од Будимпешта, во замена за безбедносни гаранции од Русија, САД и Велика Британија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски минатиот месец изјави дека откако Украина го предала своето нуклеарно оружје, единствениот начин да ја одврати Русија е да се приклучи на НАТО.