Фото: Маја Јаневска-Илиева / Илустрација

Товарен авион Боинг 737-400 што пренесувал нарачки на Де-ха-ел (DHL) и летал од германскиот град Лајпциг кон главниот град на Литванија – Вилнус, се урна во близина на куќа, изјави градоначалникот на Вилнус, Валдас Бенкунскас.

Несреќата се случила на околу 4 километри од аеродромот во Вилнус. Спасувачките екипи реагирале на местото на настанот. Од урнатините на авионот извлекле еден од двајцата пилоти, кој бил жив и свесен, но по неколку минути починал од повредите здобиени во несреќата.

Во авионот на компанијата Свифтер имало вкупно двајца пилоти и двајца вработени во Де-ха-ел. Се трага по едно лице кое патувало во авионот.

Нема загинати од лицата кои биле во близина на куќата каде се урна авионот. Наредена е евакуација на 12 лица кои живееле во близина на несреќата.

Инцидентот бил пријавен во спасувачките екипи во 5.28 часот, по локално време. Авионот се приближувал до аеродромот во Вилнус за да слета таму кога се случила несреќата.

На крајот на август, германските безбедносни власти почнаа да предупредуваат за „неконвенционални запаливи средства“ што ги испраќаат непознати лица кои користат даватели на услуги за пратки. Во тоа време, домашната разузнавачка агенција на Германија, позната по нејзиниот германски акроним BfV, и Федералната канцеларија за криминалистичка полиција (BKA) издадоа соодветна тревога до компаниите во авијацискиот и логистичкиот сектор.

Предупредувањето, наводно, било поврзано во безбедносните кругови со инцидент во логистичкиот центар на Де-ха-ел во Лајпциг, кој служи како глобален центар на компанијата каде во јули таму се запалил пакет испратен од балтичките земји, во кој наводно имало запаливо средство.

Началникот на литванската полиција денеска на прес конференција изјави дека не може да се исклучи терористички напад како причина поради која товарен авион се урна рано утрото во близина на аеродромот во Вилнус.

-Тоа е една од верзиите што треба да се истражи и да се потврди. Има уште многу работа пред нас – рече Арунас Паулаускас на прес-конференција.

Шефот на литванската спасувачка служба Ренатас Пожела на прес-конференција изјави дека авионот се урнал на неколку километри од аеродромот, се лизгал неколку стотини метри, а неговите остатоци погодиле двоспратна куќа. Авионот бил товарен авион кој летал за DHL кој полетал во Лајпциг во источна Германија.

-Куќата има два ката, четири стана, а таму живееле три семејства. Сите 12 жители се безбедни – рече Пожела.

Портпаролката на литванската спасувачка служба рече дека авионот бил целосно уништен од пожар предизвикан по уривањето.