Црвено-жолтите во овие квалификации нема да играат со Шкотска, Словенија, Република Ирска, Албанија, Грузија, Финска, Исланд, Северна Ирска, БиХ, Црна Гора и со Израел, кои исто така се во третиот барабан. Во најсилниот барабан се Шпанија, Португалија, Германија, Франција, Италија, Холандија, Данска, Хрватска, Англија, Белгија, Швајцарија и Австрија
ФУДБАЛ
Фудбалската репрезентација на Македонија ќе биде во третиот барабан пред ждрепката за квалификациските групи за пласман на Светското првенство (СП) во 2026 година. Така, црвено-жолтите во овие квалификации нема да играат со Шкотска, Словенија, Република Ирска, Албанија, Грузија, Финска, Исланд, Северна Ирска, БиХ, Црна Гора и со Израел, кои исто така се во третиот барабан.
Составот на барабаните беше комплетиран во вторникот, кога во последното коло од натпреварите во Лигата на нациите репрезентациите на Словачка и на Чешка обезбедија место во повисок барабан, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Во првиот барабан се осумте четвртфиналисти од Лигата на нациите и четири репрезентации највисокорангирани на ранг-листата на Светската фудбалска федерација (ФИФА).
ФИФА ќе ја извлекува ждрепката на 13 декември во Цирих, а ќе има 12 групи, од кои победниците ќе се пласираат директно на СП 2026 во САД, Канада и во Мексико. Преку плејофот ќе се одредат уште четири учесници од Европа. Во доигрувањето ќе настапат 12-те второпласирани во квалификациските групи и четири селекции од 14-те што го освоија првото место во групите од Лигата на нациите, меѓу нив и Македонија.
Ждрепката следниот месец ќе биде невообичаено сложена и нема јасност на денот на извлекувањето, бидејќи групите на осумте четвртфиналисти од Лигата на нации ќе бидат одредени по четврт-финалето на Лигата на нациите во март в година, пишува АП.
Вкупно 54 репрезентации ќе бидат поделени во шест групи по четири селекции и во шест групи по пет репрезентации. Поголемите групи можат да почнат со мечевите во март или во јуни. Местата во квалификациските групи со по четири селекции мора да бидат резервирани за четирите репрезентации што ќе се пласираат на фајналфор-турнирот на Лигата на нациите во јуни. Тие групи можат да почнат да играат во септември. Н.М.
БАРАБАНИ ЗА ЖДРЕПКАТА ЗА КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА СП 2026
1: Шпанија, Португалија, Германија, Франција, Италија, Холандија, Данска, Хрватска, Англија, Белгија, Швајцарија, Австрија
2: Украина, Турција, Шведска, Велс, Унгарија, Србија, Полска, Грција, Романија, Словачка, Чешка, Норвешка
3: Шкотска, Словенија, Р. Ирска, Албанија, Македонија, Грузија, Финска, Исланд, С. Ирска, БиХ, Црна Гора, Израел
4: Бугарија, Луксембург, Белорусија, Косово, Ерменија, Казахстан, Азербејџан, Естонија, Кипар, Фарски Острови, Летонија, Литванија
5: Молдавија, Малта, Андора, Гибралтар, Лихтенштајн, Сан Марино
Извор: АП