Фото: Пиксабеј

Сојузот на здруженија со лица со дијабетес (СЗДСМ) ги повикува сите пратеници во Собранието, како и креаторите на здравствените политики во Владата, да му дадат приоритет на здравјето на над 3.500 граѓани кои живеат со тип 1 дијабетес (Т1Д) во Македонија, како и на околу 2.000 лица со тип 2 дијабет (Т2Д) со здравствени компликации од високите нивоа на шеќер во крвта. Сојузот ги повикува сите парламентарни групи и пратеници во Собранието, да ги усвои амандманите за одвојување на дополнителни средства за набавка на сензори за континуирано мерење на гликемии (CGM), како и за инсулински пумпи за да се осигура дека секое лице со T1Д и Т2Д со компликации има пристап до новите технологии кои спасуваат животи.

Македонија се соочува со предизвици во грижата за дијабетесот, вклучително и ограничен пристап до современи помагала за следење на вредностите на шеќерот во крвта, како и до соодветни третмани. CGM сензорите и инсулинските пумпи се критично важни за управување со дијабетесот. Во моментов се обезбедуваат CGM сензори за само 18,5% од вкупниот број на лица со тип 1 дијабетес и за само 6% од Т1Д има обезбедено инсулински пумпи. Ова остава илјадници пациенти со тип 1 дијабетес и со тип 2 дијабетес со компликации да не можат да имаат корист од благодетите на овие нови технологии, велат од Сојузот..

Во земјава има над 130.000 лица со дијабетес, од кои над 3.500 со Тип 1 дијабетес (кој е многу опасна болест, бидејќи од самиот почеток панкреасот не лачи инсулин и за овие лица CGM сензор значи помагало за одредување на дозата на инсулин која треба да се внесе за да имаат добро ниво на гликемија во крвта), а другите со тип 2 дијабетес (околу 125.000 лица се со Т2Д (кај кои панкреасот лачи инсулин, и кога се дијагностицираат почнуваат на таблетарна терапија), од кои 40.000 лица користат инсулин, а со голем степен на компликации се околу 2.000 лица
Само 650 лица со дијабетес имаат обезбедени CGM сензори и тоа 350 деца и млади до 25 годишна возраст и околу 300 Т1Д лица со компликации (кои за да добијат треба да имаат 90% слепило, лица со ампутирани нозе и други компликации кои настануваат со лошо менаџирање на нивото на гликемија). Околу 200 лица користат инсулински пумпи обезбедени од здравствениот фонд.
Ако се направи анализа на трошоците во однос на придобивките за обезбедување CGM сензори за лица со дијабетес тип 1 и за лицата со тип 2 дијабетес со компликации, ќе се заклучи дека долгорочните финансиски придобивки од користење на CGM сензорите ја надминува повеќекратно почетната инвестиција во смисла на подобрени здравствени резултати и намалени вкупни трошоци за здравствена заштита. Анализата е структурирана околу следните клучни области, велат од сојузот.

Превенција на здравствени компликации. CGM сензорите им помагаат на луѓето со дијабетес тип 1 да одржуваат подобра контрола на гликозата во крвта, значително намалувајќи го ризикот од компликации поврзани со дијабетес, како што се ретинопатија, невропатија, бубрежна инсуфициенција и кардиоваскуларни заболувања. Овие компликации се скапи за лекување на долг рок и често бараат хоспитализација, итна помош, хируршки интервенции и долготрајна рехабилитација.

Директни заштеди во здравствената заштита. Со обезбедување на CGM, раното откривање и интервенција може да ја спречи потребата за поскапи третмани, намалувајќи го долгорочниот товар на националниот буџет за здравствена заштита.

Дополнително секое лице со дијабетес кое ќе дојде до сериозна компликација, престанува да создава вредност во општеството, бидејќи повеќе не може да работи, и од придонесувач кон буџетот, станува лице кое го троши буџетот како лице со инвалидитет или болно лице.

Пример од Обединетото кралство (ОК): Студија од 2016 година во ОК процени дека за секоја фунта потрошена за нега поврзана со дијабетес (вклучувајќи превенција и рана интервенција), здравствениот систем заштедува 6 фунти во избегнати идни трошоци. Ова покажува 6:1 поврат на инвестицијата (ROI), што може да се прилагоди на контекстот на Македонија.

Сојузот ги повикува парламентарците од сите парламентарни групи да изгласаат Зголемување на буџетот за 2025 за помагала за лицата со дијабетес согласно членовите 9 и 11 од Законот за здравствена заштита и тоа за: обезбедување финансирање на сензори CGM за 5.000 лица со дијабетес, обезбедување финансии за обезбедување инсулински пумпи за 3.000 лица со дијабетес и тоа со зголемување на предвидените средства од буџетот за 2025 во Раздел 19001 Министерство за здравство во Програма 6, во Потпрограма 67 Обезбедување на инсулин за инсулино – зависни пациенти во РСМ, во првата потколона од колоната „Расходи на основен буџет за 2025 година“, во ставката 423.
Индикативен пример – Трошокот за CGM за едно лице е околу 120.000 денари на годишни ниво. Доколку се случи компликација трошокот за терапија за ретинопатија изнесува меѓу 300.000-500.000 денари годишно за едно лице, за ампутација на есктремитет и поврзани помагала е над 1 милион денари од пациент, итн.

Усогласувањето на политиките на Македонија со меѓународните стандарди ќе обезбеди правична здравствена заштита за сите нејзини граѓани. Сите земји на Европската Унија, како и во регионот (Босна и Херцеговина, Србија и Косово) обезбедуваат CGM Сензори и инсулински пумпи како иновативни помагала за инсулинско зависните лица со дијабетес. Нашата држава мора да го стори истото за да ги поддржи своите граѓани и да ја исполни својата заложба за универзална здравствена заштита.
-CGM сензори и инсулински пумпи не се луксуз – тие се неопходност за оние поединци кои живеат со Т1Д и оние со Т2Д кои имаат здравствени компликации. Парламентот има единствена можност да го подобри животот, да спречи здравствени компликации и да ги намали трошоците за здравствена заштита преку оваа едноставна, но трансформативна инвестиција – рече Диме Велев, претседател на СЗДСМ.