Кремљ децидно предупреди дека одлуката на САД да ѝ дозволи на Украина да користи американски ракети за напад на руска територија може да има сериозни последици, вклучувајќи и драстично зголемување на тензиите и вовлекување на Вашингтон подлабоко во конфликтот
Лиферувано сериозно предупредување на Кремљ до Вашингтон за одлуката на Бајден да ѝ дозволи на Украина да користи американски ракети со долг дострел
На вчерашниот брифинг за јавноста портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, најпрво изјави дека „ставот на Русија останува непроменет од изјавата на претседателот на Русија од септември“, кога тој предупреди дека „нападите со американско оружје на руска територија ќе се сфатат како директно учество на НАТО во конфликтот“.
Сепак, Песков истакна дека Кремљ ја дознал оваа информација од западните медиуми, имено „одлуката на администрацијата на претседателот Џо Бајден да ѝ дозволи на Украина да користи американски ракети со долг дострел“, а сѐ уште не од официјални извори.
– Доколку ракетите испорачани од САД се користат за напади длабоко во Русија, Москва ќе го смета тоа за напад што доаѓа од САД, а не од Украина – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Тој додаде дека одлуката на Белата куќа, доколку биде потврдена, покажува дека администрацијата на Бајден има намера да долее масло на огнот и дополнително да ги ескалира тензиите.
Руската политичка јавност потресена од одлуката на Бајден
Извештаите за американската одлука предизвикаа бурни реакции кај руските политичари. Леонид Слуцки, претседателот на Либерално-демократската партија што го поддржува Кремљ, рече дека таквата одлука „неизбежно ќе доведе до сериозна ескалација, заканувајќи се со сериозни последици“. Руската пратеничка Марија Бутина рече дека Вашингтон, дозволувајќи ѝ на Украина да користи американско оружје за напади длабоко во Русија ризикува избувнување на трета светска војна: „Администрацијата на Бајден се обидува да ја ескалира ситуацијата до максимум додека сѐ уште има моќ и додека сѐ уште е на власт, се надевам дека Трамп ќе ја смени одлуката бидејќи сериозно ризикува почетокот на трета светска војна, што не е во ничиј интерес“. И Владимир Џабаров, првиот заменик-претседател на Комитетот за меѓународни прашања на рускиот парламент, уште вчера изјави дека дозволувањето на Украина да користи американски ракети за напади во Русија ќе биде „чекор без преседан кон трета светска војна“.
Норвешка, Шведска и Финска на штрек: Граѓаните добиваат брошури со упатства за кризни ситуации, вклучувајќи и воени сценарија
Милиони луѓе во Шведска, Норвешка и Финска добиваат брошури со упатства за кризни ситуации, вклучувајќи и воени сценарија. Брошурите се ажурирани за да ја одразуваат „влошената безбедносна ситуација“ и вклучуваат совети за складирање храна, лекови и основни потреби.
Шведска дистрибуира и печатени копии од брошурата „Ако дојде војната“, напишана уште за време на Втората светска војна, сега преадаптирана, која сега ги предупредува граѓаните на можност од војна и го нагласува отпорот во случај на напад. Пораката „никогаш нема да се откажеме“ е истакната во новата верзија на брошурата. Министерот за цивилна одбрана Карл-Оскар Болин во текот на годинава предупреди дека „може да има војна во Шведска“, повикувајќи на забрзување на подготовките за „тотална одбрана“.
Финска објави слични упатства на интернет, избегнувајќи печатење брошури од економски причини. Покрај опрема за кризни ситуации, финските водичи ја покриваат и реакцијата на властите во случај на воен конфликт. Финска, која дели долга граница со Русија и има историја на конфликт со поранешниот Советски Сојуз, со децении одржува високо ниво на одбрана.
Норвешка отпечати и дистрибуира 2,2 милиони брошури, давајќи совети и водич за период од една недела „Во случај на војна или природни катастрофи“. Списокот на препораки вклучува долгорочна храна и лекови, па дури и храна за домашни миленици. Влегувањето на Шведска и Финска во НАТО во последните две години дополнително ја нагласи нивната промена во безбедносните политики. Н.М.
Експресна реакција и од државниот врв на Северна Кореја
Зајакнување на нуклеарните капацитети и подготовки за војна
Севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун повика на „неограничено“ зајакнување на нуклеарните капацитети и подготовки за војна, објави државната новинска агенција КЦНА. Во говорот за време на конференцијата на команданти и инструктори на корејската народна армија, Ким ги обвини САД и Јужна Кореја за ескалација на тензиите на Корејскиот Полуостров, нарекувајќи го регионот „најголемата точка на согорување во светот“. Н.М.