Фото: Маја Јаневска-Илиева

ШАХ – ПОЕДИНЕЧНО ЕП 2024

Петто реми на Романов

Македонскиот велемајстор (ВМ) Евгени Романов го забележа и петтото реми на 24-то поединечно Европско првенство (ЕП) во шах, во Петровац (Црна Гора), откако во 10-то, претпоследно коло, со црни фигури го подели поенот со интернационалниот мајстор (ИМ) од Турција, Ата Умут Акбас (2.466, рангиран 125. пред почетокот на ЕП), во 37-от потег, со повторување на потезите во еднаква позиција.
По 10 кола, Романов (2.584 рејтинг-поени, рангиран 54. пред почетокот на ЕП) е на 32-то место, со 6,5 поени (четири победи, пет ремија и еден пораз, рејтинг-перформанс 2.651 поен и освоени нови 9,9 рејтинг-поени). Во вчерашното последно коло на ЕП 2024, Романов со бели фигури играше со силниот ВМ од Чешка, Давид Навара (2.674, рангиран, петти).
По 10 кола, и понатаму во водство на табелата, со 8,5 поени (седум победи и три ремија, рејтинг-перформанс од 2.850 поени), е ВМ од Србија, Александар Инџиќ (2.624, рангиран на 33-то место), кој во ова коло со бели фигури на првата табла го подели поенот со ВМ од Шпанија Данил Јифа (2.631, рангиран на 28-то место). Половина поен зад него има ВМ од Белгија, Даниел Дарда (2.606, 41-от), кој во ова коло со црни фигури го победи Навара. По нив двајца следува група од девет шахисти со по 7,5 поени.
Учесниците на годинашното континентално шаховско првенство играат за титулата европски шампион во класичен шах, но и за 20 квалификациски места за настап на Светскиот куп на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) за 2025 година. Г.И.


ШАХ – СП ЗА КАДЕТИ, 4. КОЛО

Три поени на македонските претставници

Три поени од четири можни е резултатот во четвртото коло на македонските претставници на шаховското Светско првенство (СП) за кадети/ки во возрасните категории до осум, 10 и 12 години (играат 697 учесници од околу 65 држави) во италијанскиот град Монтесилвано. Во категоријата до 12 години, Никола Петровски (1.829 рејтинг-поени, рангиран 79. пред почетокот на СП) го победи Грузиецот Давит Берошвили (1.568. 117-от), до 10 години, Јован Вукашиновиќ (1.454, рангиран 144-ти) беше подобар од Кениецот Мануендо Сузан (157-от), до осум години, Јован Јовановски (рангиран на 107-то место) го совлада Литванецот Беназ Мазеика (114-от), а во категоријата до 10 години за девојчиња, Надица Велкова (99-та) со бели фигури загуби од Киргистанката Маргарита Полиак (1.514, 67-та). По четири кола, Перовски има два поена и е на 86-то место, Вукашиновиќ е на 143-то, Јовановски на 106-то и Велкова на 75-то, тројцата со по еден поен. Новите шампиони ќе бидат познати по одиграните 11 кола. Г.И.