Годинашен симпозиум на „АИКА Македонија“
Годинашниот симпозиум на здружението на ликовните критичари „АИКА Македонија“ ќе се одржи денеска, во 13 часот, во Националната галерија, објект „Чифте-амам“. Во почетниот дел од симпозиумот, претседателката на здружението Ана Франговска ќе го отвори симпозиумот, со воведно излагање, истакнувајќи неколку важни аспекти од последните активности на меѓународната АИКА и „АИКА Македонија“. Таа ќе ја соопшти програмата на симпозиумот и накратко ќе проговори за важноста на годинашната тема. Како главен фокус на првиот дел од симпозиумот ќе го најави годинашниот добитник на наградата за ликовна критика „Ладислав Баришиќ“, Илија Прокопиев, да го презентира и одбрани истражувачкиот проект „Раскинување со уметноста (каква што ја знаеме)“.
Главниот дел од ова издание на симпозиумот ќе се осврне на темата: „Предадена или (оп)круж(е)на маса? Потрага по моделот: Жива слика или гласот на критиката?“, конципирана и координирана од Натали Рајчиновска Павлеска, членка на „АИКА Македонија“. Оваа тема го истакнува развојот на пејзажот на уметничката критика генерално, па и кај нас, и поканува богат дијалог за нејзината цел, модели и идни насоки.
– Веројатно наједноставно би било да се потврди дека ликовната критика е дисциплина во изумирање, но се чини дека сè уште опстанува еден значаен сегмент во кој средствата за промоција на уметноста или алтернативниот „критички“ модел на уметноста во нејзините „критички“ облици не успеваат да ја отповикаат нужноста или, пак, да ја заменат неопходноста од присуството и застапеноста на дневната или периодичната критика. Отсуството на критичките платформи, на стручните списанија и наменски публикации одново е повод да се продискутира предавањето како напуштање или опкружувањето како заобиколување на горливите теми поврзани со опстојувањето на критичкиот дискурс во неговите соодветни облици – вели во описот на концептот Рајчиновска Павлеска.
Оттука, дискурсот на годинашниот симпозиум се повикува на постојните „критики на критиката“ во поширок теоретски и практичен контекст, поставувајќи ги можните паралели за согледување на настанувањето и настојувањето на кризата и кај нас, преку обидите за лоцирање на специфичните причини за нејзиното т.н. „исчезнување“ додека (сè уште) постои“.
На симпозиумот како главни говорници со свои излагања на темата, покрај координаторот, ќе се обратат и Викторија Васева Димеска со темата „Неколку цртички за ликовната критика“, Мелентие Пандиловски со „Уметничката критика во третата деценија на дваесет и првиот век“ и Маја Чанкуловска-Михајловска со „Реконструкција или без систем? (некои предлози за практични дејствувања)“.
По завршување на обраќањата на координаторот и говорниците, кои ќе ја постават основата за дискутирање, ќе се иницира отворена и продуктивна дебата за наоѓање вистински насоки за идно поактивно функционирање и на АИКА и на македонската критика воопшто.
Проектот е овозможен со поддршка на Министерството за култура и туризам и благодарение на соработката со Националната галерија.