Штип можеби е единствениот град во светот во кој се родиле тројца претседатели на три различни држави, што можеби е податок и за Гинисовата книга на рекорди. Првиот е КИРО ГЛИГОРОВ (1917-2012). Како што знаеме, тој беше прв претседател на Република Македонија по нејзиното осамостојување, а бил и македонски партизан, учесник во АСНОМ, македонски и југословенски политичар. Потекнувал од штипско занаетчиско семејство од маалото Стар Конак. Основно и прогимназиско училиште завршил во 1932 година во Штип, а средно образование завршил во Скопје во 1936 година. Од 1936 до 1940 година студирал на Правниот факултет во Белград. Таму членувал и бил секретар на КУД „Вардар“, а членувал и во илегалното Македонско народно движење, поради што бил уапсен од српската полиција, но поради недостиг од докази бил ослободен.
По завршувањето на студиите кратко работел во Белград, но по почнувањето на Втората светска војна се вратил во Скопје, каде што работел како адвокат. Поради неговите промакедонски ставови бил притворен и од бугарската полиција. Потоа се вклучил во илегалниот антифашистички отпор, при што соработувал со Кузман Јосифовски-Питу и со други борци. Во 1943 година учествувал во работата на Антифашистичкиот народноослободителен комитет (АНОК), каде што се разгледувало прашањето за создавање македонска држава во рамките на Југославија. Притоа, по иницијатива на Глигоров и Благој Хаџипанзов до Главниот штаб на НОВ и ПОМ било упатено несогласување со југословенската концепција на решавањето на македонското прашање и било побарано обединување на Македонија. Нивниот предлог бил одбиен.
Во мај 1944 година Глигоров излегол во партизани, а (како член на АНОК) бил поканет да се вклучи во подготовката на АСНОМ, по што бил избран за секретар на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. За време на Првото заседание на АСНОМ (2.8.1944) Глигоров бил записничар, а бил избран и за член на АВНОЈ (зачетник на новата југословенска влада). Учествувал и на Второто заседание на АСНОМ, каде што бил избран за повереник за финансии при Президиумот на АСНОМ. По војната извршувал низа функции на сојузно ниво, меѓу кои и сојузен секретар (министер) за финансии на Југославија, потпретседател на Сојузниот извршен совет (владата на Југославија), претседател на Собранието на СФРЈ и други.
По осамостојувањето на Р Македонија и по изгласувањето на Декларацијата за сувереност на државата, на 27 јануари 1991 година, од страна на Собранието на Република Македонија Глигоров бил избран за прв претседател на нашата држава. На изборите во 1994 година повторно бил избран за претседател на Република Македонија. На 3 октомври 1995 година бил извршен неуспешен обид за атентат во Скопје во кој Глигоров бил ранет, а две лица го загубиле животот. По закрепнувањето, Глигоров се вратил на претседателската должност сѐ до 1999 година, кога завршил неговиот втор мандат, по што и натаму дејствувал со предлози и совети до неговите политички наследници. Починал во длабока старост на возраст од 94 години. Киро Глигоров е застапен во Гинисовата книга на рекорди како најстар претседател на една држава.
Втор штипјанец што стигнал до политичкиот врв на една држава бил академик ТОДОР ПАВЛОВ (1890-1977). Тој бил претседател на Бугарската академија на науките (БАН), политичар и филозоф. По превратот во Бугарија и доаѓањето на Отечествениот фронт на власт на крајот од 1944 година, штипјанецот Тодор Павлов бил еден од тројцата регенти (управители, т.е. практично претседатели) на Бугарија. Потоа бил член на Президиумот на Народното собрание, а од 1947 до 1962 година бил претседател на Бугарската академија на науките (БАН). Бил и почесен претседател на Сојузот на бугарските писатели. Во филозофските кругови во светот е познат како еден од главните промотори на Теоријата на одразот. Иако бил со бугарска национална свест, сепак се забележани и негови промакедонски изјави.
Третиот роден штипјанец што стигнал до највисоката политичка функција – претседател на држава бил МЕХМЕТ ТЕКИН АРИБУРУН (1903-1993). Се родил во Штип, во семејството на Хусеин Авни, кој бил мајор во турската армија за време на Првата светска војна. Татко му се родил во Битола, но во 1898 година бил прекомандуван во Штип, каде што во 1903 година се родил Мехмет.
Се иселиле од Македонија по Балканските војни во 1912 година, а подоцна татко му учествувал како командант во битката кај Галиполе во 1915 година, каде што и загинал. Мехмет ја продолжил семејната традиција и во 1925 година го завршил Турскиот воен колеџ, а во 1929 година бил испратен во Велика Британија на воздухопловна обука. Во 1935 година дипломирал на Турската воена академија. Во 1959 година бил промовиран во армиски генерал и главен командант на турската воена авијација.
По воениот удар во 1960 година бил принудно пензиониран од страна на воената хунта, по што ја започнал својата политичка кариера. Во 1961 година бил избран за сенатор, а од 1970 до 1977 година бил претседател на турскиот сенат. Во 1973 година кратко време привремено ја извршувал и функцијата претседател на Турција. Бил полиглот и зборувал англиски, германски, француски и италијански.
Во 1978 година Мехмет Текин Арибурун како висок турски политички функционер за време на посетата на Југославија, посакал да дојде и во родниот Штип. Желбата му била исполнета и тој бил пречекан со сите почести. Го посетил ридот Исар, но не успеал да се сети каде се наоѓала неговата родна куќа бидејќи уште како мал го напуштил Штип. Само се сеќавал на чешмата Коџалица (на фотографијата), која, за жал, тогаш веќе била урната. Тој е последниот претседател на Турција роден надвор од територијата на денешната држава.
Повеќе интересни податоци поврзани со историјата на Штип и штипјани од неодамна се објавени на официјалната веб-страница на Општина Штип од авторот на овој текст.
Александар Донски