Токму Швајцарија е дестинацијата од каде што тој ја почна воената мисија и од каде што пристигнуваа најголемите финансиски средства за припадниците на ОНА и на ОВК, па Ахмети сега од своите соборци и финансиери ќе бара нова поддршка да се врати на власт
Во потрага по загубениот политички кредибилитет, лидерот на ДУИ заминува на турнеја во Швајцарија
Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, во следниот период заминува на турнеја во Швајцарија, со намера таму да се сретне со поранешните припадници на ОВК, како и со претставници на албанската дијаспора.
– Тој доаѓа… Почитувани сонародници, дојде време! Основачот на ОВК и албански лидер Али Ахмети доаѓа во дијаспората, на 23 ноември во Цирих, Швајцарија. Ви посакуваме добредојде на сите – се наведува во објавата на неговата матична партија.
Турнејата на Ахмети следува откако претходно не успеа да ја убеди меѓународната заедница дека „е неправедно изземен од партиципирање во власта по последните избори во земјава“, а странците не паднаа ниту на неговите тези дека сега одеднаш, откако неговата партија не е на власт, рамковниот договор е загрозен.
Дополнително, не поминаа ниту неговите закани за масовни есенски протести и најави за дестабилизација на Македонија, бидејќи внатрешните сондажи покажале дека добар дел од членството на ДУИ не е подготвен да се жртвува за партиската врхушка што 20 години беспоштедно практикуваше власт, а обичните луѓе не добија ништо и почнаа да бараат други политички алтернативи.
Враќање кон милитантните корени
Сите горенаведени моменти беа јасен сигнал за Ахмети дека негова последна надеж е да се обрати до оние со кои во 2001 година ги нападнаа Македонија и македонските безбедносни сили, во обид да откинат делови од нејзината територија. Токму Швајцарија е дестинацијата од каде што тој ја почна воената мисија и од каде што пристигаа најголемите финансиски средства за припадниците на ОНА и на ОВК, па Ахмети сега од своите соборци ќе бара нова поддршка да се врати на власт.
Неколку дилеми се наметнуваат околу причините за ноемвриската турнеја на Ахмети во Швајцарија, каде што се враќа по цели десет години. Имено, една од тие дилеми на безбедносните експерти е малку вознемирувачка, а прашањето е „дали оваа посета можеби е во насока да се мобилизираат одредени групи, кои и натаму се воинствено расположени и кои би можеле да иницираат некакви инциденти во земјава, кои подоцна ќе ги смирува Ахмети и на тој начин ќе се профилира како единствен фактор на стабилност пред меѓународната заедница“?!
Натаму, не се исклучува во рамките на посетата на Швајцарија тој да побара донирање на средства за партијата во име на „албанската кауза“, за одредени лоби-активности во Вашингтон и во Брисел, имено кај новите администрации во овие светски центри на моќ?
Според безбедносните експерти со кои се консултиравме, „малку е чудно зошто Ахмети продолжува да ја бара поддршката од поранешните соборци од ОВК, кога САД веќе ги отстранија од политичката сцена сите политичари на Косово што имале какви било врски или допирни точки со поранешните учесници во конфликтот на Косово (воени злосторства)“, а интенцијата е сличен процес да се случи и во Македонија и на сцена да се појават политичари што ги немаат извалкано рацете со крв за време на војната во 2001 година.
Едно е сигурно, во немоќ Ахмети да се наметне како релевантна политичка фигура на македонската политичка сцена, за да избегне или ескивира евентуален кривичен прогон во домашното правосудство заради докажување индиции на злоупотреби и корупција (како и од евентуални постапки за воени злосторства на судот од Хаг), тој сега инсистира да ја врати ДУИ на милитантните корени и се обидува да обезбеди логистика и финансии за таквото функционирање на партијата.
Проф. д-р Иван Бабановски: Ахмети сее магла, тоа и ќе ожнее
Проф. д-р Иван Бабановски, експерт од областа на безбедноста и универзитетски професор во пензија, смета дека постапките на Ахмети се само обично сеење магла.
– Секој обид да се дестабилизира вкупната политичко-безбедносна состојба во државата Македонија е осуден на пропаст бидејќи за овие дваесет и кусур години ние добивме поддршка од меѓународната заедница, станавме членка на НАТО и ова што го прави тука Али Ахмети е само замаглување и заблудување на еден дел од албанскиот електорат – вели Бабановски.
Според него, вкупниот амбиент од 2001 и 2024 година е целосно променет и никој нема да дозволи дестабилизација на Македонија.
– Прво, Европа нема да дозволи некој да го пали Балканот сега. Тоа што Ахмети изгуби вкупен политички кредибилитет кај албанските граѓани е поради сите апашки и криминални работи што ги направи со корупцијата и што не им исплати голем дел средства на семејствата на загинатите припадници на ОНА-АНА, пари што си ги присвои за себе – појаснува Бабановски.
Слично размислува и Синиша Пекевски, кој смета дека ДУИ е веќе прочитана книга и дека посетите на Ахмети на Швајцарија ништо нема да променат.
– ДУИ е веќе прочитана книга, која се грижеше само за сопствените интереси, најчесто економски. Луѓето се свесни за богатството и на Али Ахмети и на другите од врхушката, па нивното влијание веќе опаѓа. Одење по странство и покажување грижа е празен балон, од кој нема никаква корист ниту партијата, ниту пак тој. Едноставно, нивното време помина – заклучува Пекевски.
УЧК, ОНА, ДУИ, Ахмети… и повторно УЧК и ОНА: Кругот се затвора
Некои од аналитичарите сметаат дека Ахмети нема што друго да им понуди на сопствените гласачи освен милитантна реторика, а тоа го прави така што се враќа на местото од каде што започна неговата воена мисија во Македонија.
– На Ахмети му гори поради многубројните коруптивни активности и криминали за кои би можеле да бидат поведени процеси, а му тежи и инсистирањето од Хаг, Македонија да постапува по вратените хашки предмети во кои и тој е меѓу обвинетите. Членството е разочарано бидејќи освен неколку луѓе во врвот на партијата, Албанците во земјава не видоа подобар живот, туку и натаму во општините каде што раководеа луѓе на ДУИ нема пивка вода, нема канализација, патиштата се во лоша состојба, додека партискиот врв живее лагодно и во луксуз. Сега никој од тие обични луѓе не му излегува на протести, така што Ахмети ќе се обиде на средбите во Швајцарија повторно да се претстави како лидер кому може да му се верува. Тоа тешко ќе оди бидејќи и добар дел поранешни припадници на ОВК се под некаков прогон, некои од нив се во Хаг, така што никој нема да сака дополнително да си ја комплицира ситуацијата. И уште една многу клучна работа, Македонија сега е членка на НАТО и прашање е дали некој ќе се дрзне да дестабилизира внатрешно земја членка на НАТО само затоа што тоа му го наредил Ахмети. Ова не се исти времиња како пред 25 години, така што Ахмети може слободно да оди во Швајцарија да си се дружи со дијаспората, да си ги слави празниците со сонародниците и толку. Сѐ друго е завршена работа – сметаат политичко-безбедносните аналитичари со кои се консултиравме. С.Т.