Одбележување на Меѓународниот ден на толеранцијата
Денеска, во 19 часот, во Кинотеката на Македонија, „Инер вил клуб Скопје Еуропеа“ по осми пат ќе го одбележи Меѓународниот ден на толеранцијата – 16 ноември, со настан под мотото „Разноликоста е факт, прифаќањето е чин“. Оваа тема ги третира различната сексуална ориентација и нејзиното прифаќање во нашето општество. Настанот ќе го отвори претседателката на клубот, Светлана Караѓозова, по што ќе следуваат проекција на филмот – „Сведоштво на родител на ЛГБТ+ лице“ и трибина на која ќе говорат: Инес Црвенковска Ристеска, етнолог и антрополог, Ана Блажева, психолог, социолог, психотерапевт, Славица Гајдазис Кнежевиќ, психијатар и психотерапевт, Радмила Живановиќ, психолог и психотерапевт, Ангел Димитриевски, магистер по медиумска едукација, и Љубомир Фајзов, претставник на Хелсиншкиот комитет за човекови права. Настанот ќе продолжи со прашања и дискусија, чиј модератор ќе биде Душица Брачиќ, етнолог и антрополог.
Женската организација „Инер вил клуб Скопје Еуропеа“ е дел од „Инер вил интернешнал“ – организација основана во 1924 година. Има 17 жени членки, секоја успешна и докажана во својата професија, со силен личен мотив за солидарност и помош на оние на кои им е потребна. Од основањето до денес, клубот стои зад голем број хуманитарни акции и акции за издигнување на свеста за општествено и хумано дејствување.